Обвинување од ВМРО-ДПМНЕ и одговор на Министерството за здравство за заразените во Геријатрија

„Венко Филипче и СДСМ немаат ниту минимум доблест да признаат грешка и да понесат одговорност, како што тоа се прави во остатокот земјите во светот, но и во регионот. Венко Филипче и СДСМ се директно виновни за сите заболени во Геријатрија, но и за потенцијалните жртви во иднина“, обвинија денеска од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата предупредуваат дека појавата на Ковид 19 во Геријатриска установа, каде што се сместени стари и изнемоштени лица со хронични заболувања, е темпирана бомба за сите стари лица кои се згрижени во истата.

„Причинителот на опасноста е Венко Филипче, кој не презел чекори во насока да се спречи појавување, а тоа требало да го направи со засилени контроли и протоколи при влез, мерки за заштита и тестирања“, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека „во здрава држава“ Филипче ќе си поднел оставка, ќе имало истрага за пропустите за корона кластерот во геријатрискиот центар и владата ќе се извинела за пропустите.

„Народот вели ем крив ем боде. Наместо воспоставување на систем за заштита во здравствените установи, Венко Филипче изминатиот период беше насочен на кампањата на Заев и СДСМ, а граѓаните и пациентите, паднаа во втор план. Наместо да се крие зад штури соопштенија, Филипче да излезе и да се извини за пропустите кои се негова вина, но и да преземе одговорност за истите“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

На ова реагираше Министерството за здравство. Оттаму велат дека не е точно дека новите случаи во Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ во Скопје – го демантираат Филипче дека епидемијата не е под контрола. Од Министерството додаваат и дека веднаш е постапено согласно протоколите, односно дека веднаш бил известен Државниот санитарен и здравствен инспекторат и бил извршен вонреден инспекциски надзор, а наодите се обработуваат.

„Веднаш е спроведен скрининг на вработените од одделението и детектирани се 3 вработени позитивни на ковид-19 кои веднаш се исклучени од работниот процес и пријавен е случајот во Центарот за јавно здравје-Скопје и Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Од овој кластер, до сега се детектирани 17 позитивни пациенти, од кои 2 пациенти кои се со потешка клиничка слика и транспортирани се на Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, додека 3 се асимтоматски и префлени се за лекување во новиот ковид-19 центар во рамки на болницата Козле. Останатите позитивни пациенти од ова одделение остануваат на лекување во установата. Целокупниот стручен колегиум и медицински персонал од установата е интензивно вклучен во спроведување на протоколите и засилен мониторинг за да се спречи евентуално ширење на инфекцијата. Извршен е вонреден инспекциски надзор, наодите се обработуваат по што јавноста ќе биде дополнително информирана“, велат од  Министерството за здравство.

Оттаму додаваат и дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат извршил и вонредни контроли и надзори за состојбата и почитување на протоколите во сите 29 приватни и 5 јавни геријатриски установи во однос на количините на лична заштитна опрема, употребата на ЛЗО од страна на вработените, средства за дезинфекција, како и дека за да се заштити оваа ранлива група бил спроведен и скрининг на вработените и пациентите/корисници на здравствени услуги во сите јавни и приватни геронтолошки установи.

- Реклама -