Градоначалникот на Гази Баба – Борис Георгиевски, утрово имал можност и го исполнил ветувањето што, како што вели, го дал уште додека се лекувал од Ковид-19 – да донира крвна плазма.
„Дарувањето крвна плазма спасува човечки животи! Многу сум среќен што на Институтот за трансфузиона медицина го исполнувам ветувањето кое си го дадов уште додека се лекував, дека штом оздравам и ми дозволат лекарите, ќе дарувам крв за да дадам шанса за успешно лекување на заболените од коронавирусот. Како што и јас ја добив таа можност, за што сум бескрајно благодарен!“, напиша Георгиевски на Фејсбук.
Тој апелираше дека е многу важно излекуваните да донираат крвна плазма за лекување на новите болни од Ковид-19:
„Дарувањето значи можност за многу наши сограѓани полесно да се изборат со Ковид-19. Крвната плазма на лицата кои се излекувани содржи антитела кои организмот ги создал за време на борбата против болеста, а го намалува неговото дејство, односно ја намалува и прогресијата на коронавирусот. Затоа, Ве охрабрувам сите кои што успеавте да се изборите со болеста, донирајте крвна плазма, затоа што нема поубаво чувство од тоа дека придонесуваме да се спаси човечки живот!“, апелираше Георгиевски.