Електричната енергија за домаќинствата поскапува за 7.4 отсто, потврди претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) – Марко Бислимоски.
Како што соопшти Бислимоски, поскапување побарале сите електро-енергетски компании, како резултат на проблемите предизвикани од кризата со Ковид-19.
ЕСМ, информира тој, има намалување на приходите од продажба на вишоци на електрична енергија од 17 милиони евра, а МЕПСО намалување на приходите од 11 милиони евра.
Што се однесува до евтината тарифа, граѓаните и натаму ќе можат да ја користат, во истите периоди како и досега.
Претходно, порталот „Фактор“ објави детали околу новите цени и работењето на енергетските компании, а врз основа на јавно достапните податоци. Цената за ЕВН Хоме се определува на просечен износ од 4.92 денари за еден киловатчас електрична енергија. Високата тарифа т.е. „скапата струја“ во иднина ќе чини 5.95 денари за еден киловат час и тоа е поскапо за 7.4 отсто од досегашната цена која изнесува 5.54 денари за киловат час. „Евтината струја“ односно ниската тарифа по ново ќе изнесува 2.99 денари и тоа е покачување за 7.5 отсто во однос на тоа што досега го плаќаа граѓаните кога користеа евтина струја која чинеше 2.78 денари за еден киловат час, пишува „Фактор“.
Производната државна компанија ЕСМ лани годината ја завршила со добивка од 3.15 милиони евра. Преносната компанија МЕПСО 2019 година ја завршила со добивка од 7.25 милиони евра, а ЕВН Македонија (фирма мајка на ЕВН Хоме) ланската година ја завршила со профит од 34 милиони евра. Електродистрибиција (најголемиот оператор на дистрибутивниот систем и фирма ќерка на ЕВН Македонија) лани годината ја завршила со загуба од 7 милиони евра.