Медицински тимови од Шведска и Словенија наскоро доаѓаат во Македонија за да помогнат во борбата против пандемијата

По барање на Министерството за здравство, следната недела во земјава ќе пристигне медицински тим од Шведска, а по него и медицински тим од Словенија, пренесува МИА.

Оваа информација директорот на Дирекцијата за заштита и спасување – Аднан Џафероски, им ја соопштил на членовите на Главниот координативен кризен штаб за спречување на внесување и ширење на Ковид-19, на 103-от состанок одржан на 24 јули, чиј записник го усвои Владата вчера на 78-та владина седница.

Овие медицински тимови ќе пристигнат преку Механизмот за цивилна заштита. Во составот на тимот од Шведска ќе пристигнат десет медицински сестри и еден лекар. Патувањето и сместувањето ќе одат на трошок на Министерството за здравство.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, пак, најавил и помош од Германија, во чии рамки, освен медицински персонал, ќе бидат вклучени и лекови, заштитна опрема, респиратори и сл. Оваа помош од Берлин ќе се однесува на сите држави од регионот, пренесува МИА.

 

- Реклама -