Фирми што земале државна помош за исплата на плати на своите вработени во време на ковид-кризата, парите си ги задржале за себе и не им ги исплатиле платите на работниците, откри анализата на Управата за јавни приходи, преку која се спроведуваше мерката со цел да се задржат работните места.
Како што соопшти директорката на УЈП – Сања Лукаревска, вкупно 281 работодавач кои добиле финансиска помош за април не ги исплатиле платите. Се работи за вкупен износ од речиси 10 милиони денари (9.995.565 MKD) државна поддршка, за вкупно 722 вработени. 84 од фирмите се од Скопје, 38 од Тетово, 20 од Струга, 23 од Гостивар и 16 од Куманово, информираше Лукаревска.
Таа ги повика овие работодавачи, иако рокот за исплата е поминат, веднаш да ги им ги исплатат средствата на вработените за кои биле наменети. Во спротивно, се закани Лукаревска, фирмите ќе бидат јавно објавени.
Таа додаде дека во случај прозваните работодавачи да не го послушаат апелот, УЈП веќе е во координација со Државниот инспекторат за труд во насока на преземање на мерки согласно закон, при што се предвидува присилна наплата, глоби и враќање на средствата назад.
Како што соопшти Лукаревска на прес-конференцијата, во април мерката ја искористиле вкупно 19.780 работодавачи, на кои им се исплатени речиси 1.8 милијарда денари за вкупно 128.315 вработени. Подетално ТУКА.