Коронавирусот бил директна причина за смртта кај 89% од пријавените смртни случаи во Италија

Коронавирусот е директна причина за смрт кај речиси 9 од 10 смртни случаи во Италија кај оние кои се водат како починати од Ковид-19. Од почетокот на епидемијата во Италија во февруари, земјата има забележано околу 35.000 смртни случаи поврзани со вирусот.

Студијата, објавена вчера, следува откако здравствените власти објавија дека многу од оние што починале исто така имале и други болести, што предизвика бурна дебата дали вирусот бил вистинската причина.

Студијата на Здравствениот институт (ISS) и државниот завод за статистика (ISTAT), сепак, покажува дека (само) 11% од смртните случаи биле директен резултат на други медицински состојби, како срцеви заболувања, канцер или деменција. Дури и кај нив, не е исклучена можноста дека вирусот ја влошил состојбата и ја забрзал смртта.

Со други зборови, коронавирусот SARS-CoV-19 бил директна причина за смрт кај 89% од анализираните примероци од 4.942 пациенти кои се водат како починати од Ковид-19. Кај 79% од овие пациенти била утврдена пневмонија, односно пневмонијата била најчестата компликација од Ковид-19, следена од други респираторни болести.

Извештајот уште еднаш потврдува и дека Ковид-19 е фатален и за луѓе кои немале други болести. Кај 28.2% од анализираните случаи, немало други предизвикувачи на смрт, односно коморбидитети.

 

Согласно тоа, 71.8% од починатите од Ковид-19 имале барем една друга придружна болест. Како што пренесува италијанската новинска агенција ANSA, според извештајот, 31.3% од починатите имале една, 26.8 имале две, а 13.7% од починатите имале три или повеќе коморбидитети.

Во извештајот се додава и дека немало значителна разлика во бројките меѓу мажите и жените кај починатите.

Анализираниот примерок од 4.942 починати претставува 15.6% од вкупниот број на смртни случаи што се поврзуваат со вирусот, а биле пријавени во интегрираниот систем за следење на вирусот до 25 мај.

- Реклама -