„На следните избори Левица ќе има двоцифрен број пратеници“, најави Апасиев, честитки стигнаа и од Стојанче Ангелов

„Не очајувајте другари, долг е патот на борбата!“, порачува Димитар Апасиев на Фејсбук, претседател на Левица, која освои два пратеника во Собранието, а како што вели тој, се бори и за трет, во Изборна единица 2.

„Мојот земјак, велешанецот Панко БРАШНАР беше жив сведок на двата Илиндена (1903 и 1944). Илинденското востание не успеа, но четири децении подоцна – АСНОМ успеа. Тој го отвори со својот племенит говор…

Таму, во манастирот Прохор Пчињски 1944 – писар му беше Киро ГЛИГОРОВ. Четири децении подоцна, тој ни ја честиташе ‘суверена, самостојна и независна Република Македонија’ <3 “, пишува Апасиев, притоа најавувајќи дека на следните избори Левица ќе има двоцифрен број пратеници:

„Ноќеска им го пробивме системот! Пенетриравме во законодавната власт – сами, со сопствени сили. На наредни избори (кои пак ќе бидат предвремени) Левица ќе има двоцифрен број пратеници. И сѐ така, додека не го добиеме мандатот да формираме влада. Оти, Господ ги чува ‘будалите’.

p.s. Денес ќе имаме прес, ќе ги изложиме сите наши ставови. ГЛАВАТА ГОРЕ. И покрај сите кражби на гласови, ги изреметивме! И тек сега почињаме“, порачува Апасиев.

Честитки Левица доби и од Стојанче Ангелов од Достоинство. Тој признава дека двата пратеника се огромен успех за партијата и го потсети Апасиев дека треба да части кафе – алудирајќи на нивната дебата во „Само вистина“, кога двајцата се шегуваа кој од нив ќе стане пратеник и кој кого ќе го покани во Собранието на кафе како гостин. Во емисијата, Ангелов изрази искрена надеж дека Левица ќе успее да добие пратеници бидејќи „потребна е свежа кpв“, но категорично тврдеше дека шансите се исклучиво мали за една мала партија така да се пробие.

Прочитајте и:  Апасиев за игрите околу Законот за бранители: Правната одговорност е кај Гаши, а политичката кај 58-те пратеници на ВМРО-ДПМНЕ

„Димитар Апасиев, наместо професор, пратеник стана. Во држава како нашата, со изборен модел како нашиот, подвиг е да се освои еден пратеник, дупол подвиг – два пратеника, неверојатен подвиг 37.420 гласови. Честитки до Левица! Професоре, кафето во Собрание го честиш ти!“, порача Ангелов.

- Реклама -