Српскиот коронавирус е поопасен од италијанскиот?

Според претседателот на италијанскиот регион Венето, српскиот коронавирус е поагресивен од оној кој досега е познат во Италија.

Во изјава за италијанските медиуми, Лука Заја рече дека го изолирале вирусот од пациенти кои дошле од Србија, пренесува „РТС“.

Од направени четири теста, како што вели, забележале дека вирусното оптоварување е исклучително силно. Вирусите се идентични меѓу себе, но „српскиот“ припаѓа на сосема друг кластер од оној кој досега бил изолиран во Венето во Италија, рече Заја.

До овој момент сѐ уште нема потврдена поврзаност меѓу специфичните мутации на вирусот со различна патогеност на вирусот, бидејќи досегашните истражувања не покажаа дека постојат клинички форми поврзани со мутациите, додаде тој.

Заја побара, односно нареди да се тестираат странците во регионот, притоа правдајќи се дека не се работи за гетоизација, туку за грижа за здравјето на сите граѓани. Впрочем, во Венето се појавија нови жаришта токму во деловите каде е најголема концентрацијата на дојдени од странство.

„Ситуацијата во овој регион во секој случај е стабилна и под контрола, но навистина нѐ загрижуваат тие соеви на вирусот кои доаѓаат од странство. Затоа ја засиливме контролата“, изјави Заја, потенцирајќи ги граѓаните кои дошле од Бенин, Србија, Молдавија, Конго и Македонија, пренесува РТС.

„Светската здравствена организација мора да ги идентификува државите што имаат проблеми, тоа одамна го повторувам. Нѐ загрижува и тоа што пациентите се сѐ помлади – имавме случај со 23-годишна мајка од Камерун со дете од 6 години и 4-годишни близнаци, и сите беа позитивни на Ковид-19“, истакна претседателот на Венето.

 

- Реклама -