Од страна на Отсекот за економски криминал при Секторот за внатрешни работи Штип во текот на вчерашниот ден биле преземени мерки и активности за расчистување на кривично дело „Поткуп при избори и гласање“ при што до Основното јавно обвинителство е доставено известување и побарани се насоки за преземање на дополнителни мерки и дејствија заради целосно документирање и докажување на кривично-правниот настан, информираше денеска министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
„Имено, по добиени оперативни информации дека лицето Д. А. од Штип поседува патни исправи и лични карти од повеќе НН лица од ромска националност кои биле држени како залог за настанат долг во неговата прехранбена продавница, а кој долг наводно би им бил подмирен доколку истите на денот на изборите гласаат за политичката партија СДСМ, од страна на ОЕК при СВР Штип од Судија на претходна постапка од Основен суд Штип побарана и добиена е наредба за претрес на дом и други простории кај конкретното лице со цел обезбедување на материјални докази и целосно документирање на настанот. При извршениот претрес во прехранбената продавница на лицето биле пронајдени 4 тетратки во А4 формат во кои имало список со имиња, 69 биометриски лични карти, 18 биометриски патни исправи, 18 стари патни исправи, 6 стари лични карти, 1 дозвола за престој и 1 здравствена легитимација, за кои постои основано сомневање дека се предмет на Кривично дело ‘Поткуп при избори и гласање’ од чл.162 од КЗ. Пронајдените предмети со потврда за привремено одземени предмети се одземени од лицето Д. А., а во просториите на СВР Штип со конкретното лице извршен е разговор во однос на околностите поврзани со пронајдените предмети“, соопшти Чулев на Фејсбук.
Воедно, тој испрати и порака дека Министерството за внатрешни работи и понатаму ќе ги презема сите мерки и активности за спречување на изборен поткуп и влијание врз гласачите.
„Апелирам до граѓаните да ја пријават секоја активности со која се крши или попречува нивното избирачко право“, напиша Чулев.
На ова реагираше Дополнителната заменичка министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска, која обвини за злоупотреба на позицијата министер за внатрешни работи ја оцени акцијата како „очајнички потег“.
„Очајници прават очајнички потези. Во врска со фејсбук објавата на техничниот министер Чулев, а во интерес на објективно известување на јавноста поврзано со извршениот претрес во објекти во Штип за наводен поткуп, Чулев намерно или заради отсјајот не споделува клучни информации од спроведената истрага, а тоа е дека сите од досега сослушаните граѓани чии лични документи се најдени изјавиле дека личните документи не им се земени заради поткуп туку заради долг. Ова не е кривично дело поврзано со изборите туку кривично дело од областа на економскиот криминал кое допрва треба да се докаже“, напиша Петровска на Фејсбук.
„Срамно е да се злоупотребува позицијата министер за внатрешни работи и да се соопштуваат невистини, особено кога истрагата е во тек, што впрочем е напишано и во известувањето до ОЈО. Известувањето во кое е наведено дека не се спомнува ниту една политичка партија, а е доставено до ОЈО е потпишано и од началникот и од дополнителниот начлник на СВР Штип. Со ова очигледна е намерата на Чулев да влијае на истрагата и да ја злоупотреби за партиски цели“, додаде Петровска и ги повика, како што рече, професионалните и чесни припадници на Министерството да не подлегнуваат на партиските притисоци и секој сомнеж за кривично дело да го докажат во соодветна постапка со соопштување на факти.