Србија ги враќа рестрикциите, од петок полициски час!

Денешниот е најтешкиот ден во Србија од почетокот на пандемијата, изјави претседателот Александар Вучиќ, најавувајќи враќање на низа мерки, но и полициски час од пеотк.

Во последните 24 часа се регистрирани 13 починати. Во земјата се хоспитализирани 4.000 пациенти, а 120 се на респиратор. Ситуацијата е алармантна во пет градови, но во Белград е критична, истакна тој.

Како што информираше Вучиќ, од утре во Србија се забрануваат собири на повеќе од 5 луѓе, и на отворен, и во затворен простор, а од петок почнува и полициски час кој ќе трае најмалку до понеделник, по што повторно ќе се разгледува ситуацијата и потребата од понатамошна рестрикција на движењето.

Прашан дали полицискиот час ќе важи само за Белград или за цела Србија, и кога ќе почне, тој одговори:

„Мерките почнуваат да важат од петок, кризниот штаб ќе донесе мерки, може да се случи до тоа да не дојде ако бројките се многу подобри во следните два дена. Од петок во 18 часот до понеделник наутро во 5. Јас лично би сакал тоа да важи за цела Србија“.

 

Вучиќ рече дека прва грижа му е здравјето на граѓаните и се понуди да биде мета тој наместо здравствениот систем и здравствените работници на сиот гнев од таквите одлуки. Побара граѓаните да ги почитуваат мерките и да ги заштитат ранливите групи.

Вучиќ истакна дека ситуацијата и во регионот и во светот е потешка отколку порано, но, истакна, во Србија тоа е видливо затоа што земјата не го крие бројот на починати и заразени.

Прочитајте и:  Вучиќ за Би-Би-Си: Никогаш не сме го признале Косово, нормализацијата значи дека го чуваме мирот

 

Вучиќ најави и обемна вакцинација против грип:

„Мораме да избегнеме судар на грипот и коронавирусот – ќе вакцинираме против грип 2 милиони луѓе“, рече тој, наведувајќи дека меѓу нив ќе бидат сите медицински работници, војската, шалтерските службеници, децата и сите хронично болни. Истакна дека најтешкиот бран се очекува околу 1 ноември, а најави и изградба на болници.

Од почетокот на епидемијата во Србија се тестирани преку 456 илјади луѓе, а дневно се тестираат по околу 9.000, според Вучиќ.

„Досега тестиравме 455.604 лица, Албанија 26.239, БиХ 102.715, Бугарија 156.351, Хрватска 85.997, Црна Гора 20.596, Северна Македонија 68.055, Словенија 109.596“, наброја српскиот претседател.

„Сите овие борби ќе ги добиеме, бидејќи предавање никогаш не било опција, но нѐ чека и тешка есен со короната“, изјати тој, додавајќи дека до јуни нема да има вакцина.

Вучиќ се понуди и да ја преземе одговорноста за релаксирањето на мерките:

„Релаксирањето на мерките беше наша одлука, но ваше барање“, рече и додаде дека биле направени многу грешки и дека сите помислиле дека епидемијата е завршена и дека преку летото ќе биде полесно.

„За тоа сме сите поединечно криви, јас сум подготвен да ја прифатам својата одговорност. Посебно што војската во Нови Пазар не беше ангажирана на време, не забранивме влез во џамиите и тоа нас ужасно скапо нѐ чинеше. Ако е некој за тоа крив – јас сум“, рече Вучиќ, додавајќи доза на препознатлива за него драматичност: „Моето средно име се вика одговорност, јас од тоа не бегам“.

 

- Реклама -