Според Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, во видеото со поддршка што експремиерот на Грција – Алексис Ципрас, го испрати за Зоран Заев и СДСМ, има скриена порака.
Во видеото, Ципрас вели дека во Заев го препознал она што и другите лидери го препознале – дека е прогресивен и храбар лидер кој наместо за минатото, мисли и зборува за иднината. Во тој контекст, Ципрас цитираше стихови од двајцата македонски поети Блаже Конески и Владимир Мартиновски:
Пред многу години, вашиот голем поет Блаже Конески напиша:
„Уште рика истата мака во мене,
дека сум роден во смачкано племе,
сејач на глуво семе“ .
Но, во последните две години откако го потпишавме Преспанскиот договор, слушам различна песна на надеж, од новата генерација на Северна Македонија.
Владимир Мартиновски вели:
„Купете две векни мир и семе, да го израснеме назад загубеното време.“, порача Ципрас во видеото, повикувајќи ги македонските граѓани на изборите на 15 јули „да купат две векни мир и семе, за да го израснат назад загубеното време“, односно да гласаат за коалицијата „Можеме“, бидејќи, како што рече, „има уште многу работа во ова ново поглавје од историјата и таа може да се направи само под водство на прогресивен и храбар лидер како Зоран Заев“.
Според Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа, овие стихови не случајно се избрани:
„Само мене ми стои дека човекот се зеза и со СДСМ и со сите нас?
Зошто баш овие стихови?
Кое е смачканото племе?
Кој е сејач на глуво семе?
П.С. Грција е сериозна држава кога станува збор за своите национални интереси.
П.П.С. Блаже Конески има прекрасна поезија, но овие стихови не се случајно избрани.
П.П.С. Да се гордееш на оваа поддршка и да не разбереш што носи пораката значи дека треба да си или анационален или дека не разбираш да читаш“, напиша Димовски на Фејсбук.