„На 15-ти јули народот ќе ги испрати политичките измамници од СДСМ на темната страна од македонската историја. Овие избори се историски бидејќи треба да се трасира иднината на македонското поколение, но и да се обели образот на нашите претци кои што со живот го платиле она што ние денеска го живееме“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска од Крушево, алудирајќи на Илинденското востание:
„Крушевчани имаат најмногу право на ова, бидејќи овде се случувало она организирано востание и пркос за независна македонска суверена држава уште на почетокот на 20-тиот век. Она што овие избори ги прави поразлични е тоа што ние треба да завршиме со експериментите. Народот го разбуди пирејот во себе и реши да го победи овој противник на 15-ти јули“, рече Мицкоски.
Тој му се обрати и директно на политичкиот опонент – лидерот на СДСМ Зоран Заев:
„Еве од овде од Крушево кажувам, јас сум Христијан Мицкоски, Зоране Заев, кој ќе те победи и тука ќе заврши твојата политичка кариера. А после тоа, еве ти кажувам, се обврзувам дека ќе го почитувам твоето право на пресумпција на невиност и ќе имаш можност пред судовите да ја докажуваш истата. Но, незнам дали ќе успееш во тоа“, рече тој, набројувајќи ја низата „криминали“ за кои ја обвинува СДСМ.
„Секогаш кога СДСМ е на власт се случуваат овие три работи, но оваа влада е надградена и проширена, јас кажувам дека доктор по науки станала. Прво што прават е национално предавство. Втората работа е криминал и корупција. И третата работа е тоа што го заробуваат судството и обвинителството да се исперат за некои злодела од минатото и да исконструираат некои дела за политичкиот противник“, оцени од говорницата Мицкоски.
15 јули, како што рече, ќе претставува историска раскрсница меѓу истрошени политичари – како Радмила Шекеринска, или маестро и патриот кој реди успеси и надвор од Македонија, алудирајќи на, како што го опиша, родољубот Игор Дурловски.
На крајот Мицкоски ги повика жителите на Крушево да го заокружат бројот 14 за обнова на Македонија и да остварат историска победа, а веќе од 16 јули, вети, „сите заеднички ќе ги засукаме ракавите и ќе ја кренеме нашата држава од пепелта во која што ни ја оставија Заев и СДСМ“.