Со 150 оздравени, денешниот ден е прв со така висока бројка по многу долго време. Претходно, вчерашниот беше рекорден ден со најголем број оздравени (123) во 24 часа од почетокот на „вториот бран“. Над 110 имаше и во понеделникот.
Само во последните 4 дена, според податоците на ИЈЗ оздравени/негативизирани се 433 потврдени случаи на Ковид-19. Гледано во последните 7 дена, таа бројка изнесува 583.
А сепак, од 26 јуни наваму, кога имавме рекорден број на хоспитализирани ширум државата – 425, само еднаш бројката на пациенти со потреба од болнички третман паднала (не многу) под 400 (на 28 јуни, 393 пациенти).
Со секојдневниот прилив на новодијагностицирани и големиот број активни случаи, тоа не е неочекувано, но го отсликува оној битен момент дека оптоварувањето врз здравствениот систем не се менува со истото темпо со кое се менуваат дневните биланси, односно ефектите (позитивни или негативни!) се гледаат подоцна.
Здравствените власти, пред сѐ министерот Венко Филипче, секојдневно апелираат дека медицинскиот персонал е истоштен, посебно во болницата „8 Септември“, која е најголемиот ковид центар во државата каде што се хоспитализираат најтешките случаи. Уште подраматични се апелите на директорот на болницата Христијан Костов, иако засега се чини дека, како што пишува „Нова Македонија“, бедемите на болницата не попуштаат:
„Преморени сме. Премногу долго трае сево ова. Од 15 март сме ковид-болница, односно веќе четврти месец по ред. Фреквенцијата на пациенти што ги хоспитализираме сѐ уште е голема, ситуацијата не се смирува, а вработените немаат повеќе сили“, вели Костов. Сепак, „луѓето не смеат да ја изгубат довербата во болницата“, додава тој (прочитајте повеќе ТУКА).
Според денешните информации од Министерството за здравство, до утрово хоспитализирани биле 407 пациенти од Ковид-19.
На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 6 пациенти. Вкупно се хоспитализирани 90 пациенти. На кислородна поддршка се 44 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација.
Во болницата во Козле се хоспитализирани 26 возрасни пациенти и 6 деца позитивни на Ковид-19.
Во ГОБ „8 Септември“ примени се 7 нови, а вкупно хоспитализирани се 123 пациенти. На респираторна машина се 8 пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 39, а во болницата во Штип се хоспитализирани 36 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп и Гостивар се хоспитализирани 87 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19.