Продолжија „бомбите“, Мицкоски вели: Се вљубија во Зоран Заев, а он сака вака да помине за да ги уценува и понатаму

По еден ден пауза, продолжува објавувањето на нелегално снимени разговори. На Јутјуб каналот „Рекет“ денеска се објавени две пократки видеа, насловени со редни броеви 4 и 6. Досега не е објавено видеото со реден број 3, барем според тоа како ги именува објавувачот.

Во првата снимка, насловена со број 4, продолжение на разговорот со Зоран Милевски – Кичеец и Слободанка Алексовска, Мицкоски зборува дека бил напаѓан од „Сашовци“ и слични преку медиумите, иако борејќи се против „таквото СЈО“ автоматски се бори и против предметот „Империја“:

„ … Јас ова поише зборувам за Сашовци-машовци. Сега, он пишуваше писма, фејсбуци, ме плукаше, правеше театар за јавноста преку некои негови испрдоци од типот на Геровски и слични, Сашо Ордановски. И сеа, јас се борам да ваквото СЈО не помине, автоматски и неговиот најголем предмет – тој Империја“, се слуша во разговорот, а по овие зборови снимката нагло завршува.

Во втората објавена снимка, под реден број 6, Мицкоски вели дека има принципиелни позиции и е единствен што се бори за сите случаи, но потенцира и дека „жртвата се вљубила во Заев“ иако, како што алудира, Заев сака да помине Законот за јавно обвинителство само за да продолжи да ги уценува:

„ … Така што ние имаме многу принципиелни позиции, многу цврсти аргументи и единствен којшто се бори за сите случаи сум ја“, вели Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ќе направиме се струјата да не поскапи, во најлош случај ќе биде за 3 отсто во третиот и четвртиот блок

На тоа, Кичеец коментира: „Реално, во вас се сите џокери“.

„ … Да, ама знаеш, ова помалце делува мазохистички“, продолжува Мицкоски. „Ем ме тепаат, ем имаат очекувања од мене. А од друга страна, ваму има Стокхолмски синдром – се вљуби жртвата во киднаперот. Се вљубија во Зоран Заев, сега тој е добриот. А он сака вака да помине за да ги уценува и понатаму и шмука. А јас што се борам за нив, против нив, мене ме тепаат“, вели гласот кој според објавувачот е на Мицкоски.

„Додека не сфатат“, се надоврзува Алексовска, на што Мицкоски ја поправа:

„Не, не додека не сфатат. После 21 април, знаете, сѐ ќе биде поинаку. Сѐ ќе биде поинаку“.

Меѓу овие два исечока, барем според редните броеви со кои објавувачот ги насловува снимките, е сместен делот од разговорот во кој Мицкоски вели дека „Сашо“ ги платил автобусите за 2 јуни.

Во текот на денот (или многу наскоро) се очекува снимка да објави и „другата страна“, впрочем како што беше случај и досега секогаш кога ќе се објавеше снимка против Заев или неговиот политички опонент Христијан Мицкоски.

- Реклама -