Ќе ги поништи ли Мицкоски договорите со Грција и Бугарија? „Еве ова е ставот…“

Откако Мицкоски успеа „да го испровоцира“ Заев за првпат, според него, отворено и јавно да каже дека Гоце Делчев бил Македонец и дека македонскиот јазик постоел и пред ’45-та година, во ТВ дуелот на „ТВ 24“ и Заев се обиде да го испровоцира Мицкоски да изговори дека „ќе го поништи“ Преспанскиот договор…

На прашање дали заедничката комисија со Бугарија за историски прашања ќе ја продолжи работата доколку победи ВМРО-ДПМНЕ на изборите, но и на инсистирањата на Заев Мицкоски конкретно да каже дали ќе ги поништи договорите со Грција и Бугарија и со тоа и аспирациите за НАТО и ЕУ, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се задржа на неприфатливите за нив делови.

Мицкоски најпрво реагираше на забелешката на Заев дека Гордана Силјановска-Давкова изјавила дека ќе го укинат Преспанскиот договор, при што потенцираше дека професорката Силјановска рекла нешто сосема друго. Потенцираше и дека никој не зборува против економска и друга соработка со било кој од соседите:

„Господине Заев, еве ќе дојдам сега до суштината. Никој не зборува дека не сакаме ние да имаме добро образование, да имаме добра економска соработка со нашиот источен, јужен, западен, северен сосед, никој не го вели тоа. Никој не вели да нема размена“.

Во однос на работата на македонската и бугарската комисија и дали ќе продолжат да постојат и доколку ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, Мицкоски рече:

„Никогаш нема да прифатам да преговарам, никогаш нема да прифатам да преговарам што бил Гоце Делчев или дали мојот мајчин јазик не е македонски или дали е македонски од ’45-та наваму. Не можам никако тоа да го прифатам. Како да го прифатам? Врз основа на тоа име, на тој Гоце Делчев, ние држава сме создале, луѓе!

Комисиите нека останат да дефинираат факти. Никој не вели дека нема да се преговара за останати историски факти. Тој договор со источниот наш сосед, господине Заев, 95% го преговараше и договараше претходната влада“, рече Мицкоски, на што Заев реагираше дека во тој случај, ако не го поништува, Мицкоски треба да го пофали Договорот дека е добар, а не само да „плива“ помеѓу и да го зборува тоа што му е употребливо.

Прочитајте и:  Мицкоски разочаран од новото раководство на СДСМ

„ … Но вие го потпишавте тоа што никој не се осуди да го потпише“, продолжи Мицкоски, „и сега ние ќе мораме тоа да го исправаме. Е тоа ние го кажуваме во нашата програма, ќе ги исправиме вашите капитулации и вашите грешки, господине Заев. Еве го, ова е ставот. Еве ова е ставот, ви кажувам… Никогаш нема да дозволам да преговарам ниту за Гоце Делчев, ниту за мојот македонски јазик“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека уште кога предлогот за името бил Илинденска Македонија, го прашал Заев дали е свесен дека ги урива позициите создавани со децении и со години, и дека може да следува друг предлог, кој ќе биде многу недостоинствен, многу нечесен. Заев, според него, уверувал дека тоа ќе биде конечниот предлог.

„Уште истиот ден ја втурнавте Македонија во апокалипса. Потпишавте капитулација, господине Заев“, рече Мицкоски, на што бурно реагираше лидерот на СДСМ:

„Каква апокалипса бе?! НАТО членка, почеток на преговорите! А бе ќе пукнете од завист, зашто ВМРО единаесет години пред мене и уште осум назад не успеа во тоа“, рече Заев.

„Господине Заев, јас ќе пукнам од мака што не сум можел 2015-тата и 2016-тата да водам висока политика во којашто нема да ви дозволам вас да имате можност да ѝ го направите на мојата Македонија ова што ѝ го направивте. За мене мојата Македонија е секогаш Македонија. Ова административно име ќе ја симболизира вашата немоќ и вашата капитулација, а ние сѐ ќе направиме тие грешки што вие ги направивте – да ги исправиме, господине Заев. А моето име од татко, коешто ќе го предадам на моите два сина, е Македонија. А вие колку сакате релативизирајте го тоа“, одговори Мицкоски, по што двајцата претенденти за премиери влегоа во кавга за тоа кој обезбедил повеќе медицинска помош за пандемијата на Ковид-19 од пријателските земји… (од 34-та минута во видеото)

- Реклама -