Родителите на Мицкоски се во болница, и двајцата се позитивни на Ковид-19

Родителите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, кои се позитивни на Ковид-19, хоспитализирани се во приватна болница во Скопје. Според порталот „НОВА“, кој се повикува на свои извори од болницата, се работи за болницата „Аџибадем Систина“.

Од болницата се повикуваат на Законот за заштита на лични податоци, па одбиваат да ја потврдат или демантираат информацијата. Сепак, информацијата ја потврди портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски, во изјава за „Плусинфо“:

„За жал, можам да потврдам дека мајка му и татко му на Христијан Мицкоски се позитивни на ковид-19. Двајцата се хоспитализирани, а во однос на Христијан, тој не бил во контакт со своите родители. Како и да е, тој редовно се проверува и од секое тестирање добива негативни резултати. Тој апсолутно внимава и ги почитува препораките“, вели Стоилковски.

Прочитајте и:  Мицкоски разочаран од новото раководство на СДСМ

Според „НОВА“, родителите на Мицкоски веројатно се примени со друга примарна дијагноза па изолирани во посебен дел, бидејќи болницата официјално се изјасни дека не прима пациенти од Ковид-19.

Мицкоски потврди дека неговата мајка е позитивна пред точно 10 дена. Тогаш истакна дека поради бројните средби и предизборни активности подолго време немал контакт со неа и дека нема опасност тој да е позитивен.

 

- Реклама -