Со 12 нови смртни случаи во 24 часа, Македонија вчера го забележа најцрниот ден од почетокот на пандемијата на коронавирусот во земјава. Претходно само еднаш имавме 11 починати, и неколкупати по 8 и 9.
Пораст на новозаразени и враќање на Ковид-19 регистрираат сѐ повеќе земји, исто и во регионов, но повеќето земји во Европа сѐ уште немаат бројки како нашите. Министерот за здравство Венко Филипче во неколку наврати потенцираше дека не може да се гледаат само бројките како бројки, бидејќи методите по се регистрираат случаите варираат од држава до држава, а важно е и колку, како и кого тестира. Филипче ја начна и можноста дека Македонија порано го детектирала „новиот бран“, со оглед дека кога овде имаше голем пораст во другите земји од регионот бројките беа значително помали, но сега и таму сведочиме порасти.
Сепак, она што светот ќе го види е дека, според Worldometers, Македонија вчера го делела шестото место во Европа (и 28-то во светот) по бројот на починати во 24 часа, заедно со Германија и Шведска, додека Италија имала 6 односно двојно помалку починати. Пред нас биле само земји со 10 до 70 пати побројно население. На врвот е Русија со 93 смртни случаи, Велика Британија со 25 и Романија со 22.
Во светски рамки, со ист број починати во 24 часа (12), вчера Македонија го делела 28-то место со Германија, Шведска, Авганистан и Ел Салвадор.