Филипче: Имаме вкупно 26 инфектолози во државата, огромен предизвик е бројот на персонал и начинот на којшто ротираат

Огромен предизвик е бројот на персонал и начинот на којшто сега ротираат и им помагаат на нивните колеги, признава министерот за здравство Венко Филипче, прашан колку медицински персонал е ангажиран во борбата против Ковид-19 на државно ниво и колку од нив се инфектолози.

Како што рече, ангажирaни се сите експерти на ова поле, и од Инфективната клиника и од болницата „8 Септември“, а вкупно се дваесет и шест:

„Има 26 инфектолози. Многу малку луѓе млади лекари во минатото покажуваа интерес за оваа специјалност, за оваа струка. Седум од нив веќе се над 60 години и имаат и хронични болести, дел од нив и не дежураат. Така да, огромен предизвик е бројот на персонал и начинот на којшто сега ротираат и им помагаат на своите колеги“.

Министерот рече дека инфектолозите се во нивните матични одделенија, на Инфективната клиника и во ГОБ „8 Септември“, додека во болницата Козле по потреба и на повик се присутни двајца професори како консултанти, а ротираат специјалистите анестезиолози и специјалистите по интерна медицина, кои, како што рече, практично и имаат најмногу познавања од оваа патологија.

„Сите се практично мобилизирани“, додаде Филипче. „Сите клиники и болници дадоа список на лекари, со приоритет на волонтерска основа како сакаат да се пријават, меѓутоа апсолутно сите вработени во јавно-здравствениот сектор, пред сѐ лекарите и медицинските сестри, се на располагање за третман на овие пациенти“.

Прашан уште колку ќе можат да издржат со ова темпо, министерот посочи дека темпото навистина е интензивно:

„Многу интензивно работат. Дел од лекарите се навистина преморени и затоа ги надополнуваме со овој систем на ротација – за да земат малку одмор, две или три недели. Меѓутоа, во секое сценарио обезбедуваме дополнителна бројка на кадар“.

- Реклама -