Листата од 54 земји во кои ја немаше Македонија, ЕУ ја стесни на само 19

ЕУ дипломатите, на состанокот во Брисел во петокот попладне, постигнале привремен договор околу критериумите по кои ќе се одредува кои земји надвор од Унијата ќе се најдат на „безбедната листа“, односно чии граѓани ќе можат да влезат во ЕУ земјите без ПЦР тест и самоизолација, кога Унијата ќе ги отвори своите граници на 1 јули.

Дипломатите се сложиле да ги отворат границите за земјите кои имаат стапка на зараза која е еднаква или пониска од ЕУ просекот во последните две недели на 100 илјади жители, пренесува Politico.eu, повикувајќи се на три дипломатски извори. Покрај стапката на зараза, ќе се оценува и дали трендот на заразени е нагорен или надолен, а ќе се зема во предвид и успешноста на земјата во справување со епидемијата, како и веродостојноста на податоците.

Како што веќе пишувавме, по неуспешниот состанок во четвртокот, порталот Euronews објави нацрт листа на земји кои ќе добијат зелено светло. На листата првично се наоѓале 47 држави, а потоа била проширена на 54. Македонија беше изоставена.

Меѓутоа, како што пренесува Politico, според најновиот договор, листата е стеснета на само 19 земји. Повторно меѓу нив не е Македонија. Како „безбедни земји“ се наведени:

Алжир, Андора, Австралија, Канада, Грузија, Јапонија, Монако, Црна Гора, Мароко, Нов Зеланд, Руанда, Сан Марино, Србија, Јужна Кореја, Тајланд, Тунис, Уругвај, Ватикан и Кина.

За да можат нивните граѓани да влезат во земјите од Унијата од 1 јули, истите ќе мораат да дозволат и влез на граѓаните на ЕУ.

Во случајот со Кина, патувањето може да стартува и пред 1 јули, доколку Пекинг воведе „реципроцитет“ и го дозволи истото, тврди еден дипломат за порталот. САД остануваат надвор од „безбедните“.

Финалната листа, пишува Politico, ќе биде ажурирана секои две недели, земајќи ги во предвид новите случувања.

Како што посочува порталот, секоја од земјите членки има авторитет самостојно да одлучи на кои граѓани на земји кои не се ЕУ членки ќе им дозволи влез. Сепак, Унијата се надева на координиран пристап, со цел побрзо опоравување на континентот. ЕУ членките ќе можат да ја потврдат одлуката во писмена форма почнувајќи од сабота навечер. Доколку се согласат, се очекува и формално да дадат писмена согласност со која ги усвојуваат критериумите, за да стапат во сила.

Од друга страна, Politico известува и за друг документ на Европскиот совет, кој претставува ажурирана листа на категории за неопходни причини за патување, со која се дозволува влез во Унијата без оглед на земјата од каде доаѓа лицето. Листата се однесува на таканаречените есенцијални работници, како што се медицинските и сезонските работници, дипломатите, хуманитарните работници, лица што студираат, лица што патуваат поради потреба од меѓународна заштита или други хуманитарни причини и висококвалификувани работници „чие вработување е неопходно од економска перспектива и чија работа не може да биде одложена или извршувана од странство“.

- Реклама -