Институтот за јавно здравје денеска регистрира 153 нови случаи на Ковид-19 во последниве 24 часа, со што вкупниот број на потврдени случаи од почетокот на епидемијата во земјава до денес достигна 5.595. Бројката на активни случаи (болест во тек), пак, се искачи на 3.164. Од нив, според статистиките што ги објавува ИЈЗ, утрово во болниците низ Македонија имало вкупно 393 хоспитализирани пациенти, што е најголем број на пациенти од коронавирус во болниците во земјава од почетокот на епидемијата.
На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 6 пациенти. Вкупно се хоспитализирани 98 пациенти. На кислородна поддршка се 51 пациент, нема пациенти на механичка вентилација.
Во болницата во Козле се хоспитализирани 2 деца сомнителни на ковид и 11 возрасни позитивни пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ примени се 14 нови, вкупно хоспитализирани се 135 пациенти. На респираторна машина се 7 пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 44, а во болницата во Штип се хоспитализирани 22 пациенти.
На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 81 пациент – позитивни и сомнителни на ковид-19.
Еве како изгледаше состојбата во болниците во изминатите 11 дена:
Како што може да се види, порастот на хоспитализирани пациенти во болниците, иако бавно, сепак продолжува, но притоа се зголемува и бројот на излекувани/оздравени. Според податоците на ИЈЗ кои ги користевме во табелата, во последните пет дена (од 21 до 25 јуни) во просек оздравуваат 52.4 пациенти дневно. Во претходните пет дена (од 16 до 20 јуни), пак, тој просек изнесувал 36.2 оздравени пациенти дневно.