Согласно одлуката на Владата донесена во вторникот на 23 јуни, од утре (26 јуни) земјава ги отвора сите гранични премини за слободен проток на патници, без потреба од приложување на негативен ПЦР тест за коронавирус или задолжителна самоизолација. Од 1 јули, отворени за слободен проток на патници ќе бидат и аеродромите.
Засега, македонските државјани слободно ќе можат да влезат и да се вратат од Србија, Албанија, Косово и Турција. Од земјите членки на ЕУ, од друга страна, како и од некои земји во регионов, сѐ уште се чека одлука во однос на слободниот проток на луѓе со Македонија.
Така, при патување во Бугарија и Грција, како земји членки на ЕУ, останува обврската за приложување на ПЦР тест и самоизолација. Согласно насоките од Европската комисија, од 1 јули најавено е ЕУ да ги отвори границите и за земјите од регионов, но одлуката утре ќе оди на повторно разгледување поради порастот на бројот на заболени во земјите во регионов.
Неизвесно е и патувањето на македонските државјани во Словенија и Хрватска, кои најавија можност за заострување на граничниот режим и повторно воведување на обврската за 14-дневна самоизолација. Покрај за Македонија, истото е најавено и за патниците од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Косово, врз основа на епидемиолошката слика во сите овие земји.
Нов бран новозаразени има и во Бугарија, поради што е најавено продолжување на вонредната состојба во земјата до 15 јули.
Вчера премиерот Оливер Спасовски демантираше било каква политичка заднина на одлуката за отворање на границите, која, според него, е донесена исклучиво врз основа на проценката на епидемиолозите. Министерството за здравство, пак, демантираше дека Комисијата за заразни болести не дала препорака, и покрај написите во медиумите дека всушност Комисијата не предложила конкретен датум.
Министерот за здравство Венко Филипче, пак, во изјава од Битола, ги смирува граѓаните дека ризикот од пораст на бројот на заразени како последица од отворањето на границите е минимален, доколку се почитуваат мерките што се на сила.