„СДК“: Комисијата за заразни болести воопшто не предложила датум за целосно отворање на границите

Комисијата за зaразни болести изготвила протоколи и дала препорака, но воопшто не предложила конкретен датум за целосно отворање на границите и аеродромите без ПЦР тест и задолжителна 14-дневна самоизолација. Напротив, планирано било допрва да се разговара за тоа кога да се случи отворањето, дознава и објави „САКАМДАКАЖАМ.мк“, ден откако Владата соопшти дека одлучила од петок да се отворат границите за слободен проток, а од 1 јули и аеродромите, и тоа врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести.

Како што пишува „САКАМДАКАЖАМ.мк“, Комисијата за заразни болести не препорачала ниту датум за отворање на теретаните, а за внатрешните делови на угостителските објекти и работа на трговските центри во недела не било ниту дискутирано, бидејќи се едни од најризичните места за пренесување на коронавирусот, а епидемилошката статистика се` уште не дозволува опуштање, според експертите.

Сепак, членовите на Комисијата најмногу биле изненадени токму од владината одлука за отворање на границите од петок и аеродромите од 1 јули, а на прашањето дали е вистина дека комисијата предложила конктретен датум, претседателот на истата – д-р Жарко Караџовски, одговорил: „За тоа ќе го прашате премиерот“.

Премиерот, пак, на денешната прес-конференција по повод почетокот на изборната кампања, одговарајќи на новинарско прашање, категорично демантираше дека одлуката за отворањето на границите има политичка заднина и дека одлуката е донесена за да можат непречено да се вратат и да гласаат иселениците. Напротив, Спасовски го повтори ставот дека одлуката се базира исклучиво на анализите на Комисијата за заразни болести на епидемиолошката слика во земјава и регионот и дека проценката била дека ова е моментот кога треба да се отворат границите за слободен проток, притоа додавајќи дека и ЕУ ги отворила границите за државите членки, а од 1 јули најавено е отворање и кон трети земји, вклучувајќи го целиов регион.

Притоа, Спасовски додаде дека мора да научиме да живееме со вирусот и преку почитување на мерките сите заедно да придонесеме неговото ширење да се држи под контрола, а упати и порака дека одлуката за отворање на границите (како и другите слични одлуки) не треба да се политизира и да се злоупотребува во изборната кампања, повторувајќи дека нема никаква поврзаност со изборниот процес:

„Оваа одлука не е во корелација со изборниот процес ниту со која било политичка одлука, туку според проценки на Комисијата за заразни болести. Одлуката се темели исклучиво на тоа што го даде како порака Комисијата за заразни болести“.

Инаку, како што потсетува и „САКАМДАКАЖАМ.мк“, ден пред Владата да ја донесе одлуката, вицепремиерот Бујар Османи на Фејсбук порача дека: „Време е да ги отвориме аеродромите и границите без ограничувања!“.

ДОПОЛНЕТО: Министерството за здравство, по објавувањето на информацијата, демантираше дека Комисијата за заразни болести не дала препорака за отворање на границите, а информацијата ја нарече „невистинита“.

 

- Реклама -