Обвинителството предложи казни од 2.000 евра за 15 учесници на протестот против 5Г и вакцини

Казни од 2.000 евра побара Основното јавно обвинителство Скопје за вкупно 15 лица кои учествуваа на протестот против 5Г, вакцини и „лажна пандемија“, кој се одржа на 31 мај пред зградата на Владата, и покрај забраната за групирање на повеќе од 2 лица.

Според ОЈО, лицата сториле кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

„Обвинетите, на 31 мај, не постапиле според прописите и наредбите со кои се определуваат мерки за сузбивање и спречување на ширењето на заразната болест COVID-19. Имено, иако со одлука на Владата било забрането групирање на повеќе од 5 лица на јавни површини, тие се собрале на булеварот „Илинден“ во близина на зградата на Владата, каде учествувале на јавен собир под мотото ’Стоп кршење права и слободи, стоп вакцини, стоп 5G антени, стоп лажна пандемија’. Обвинетите биле затекнати од полициски службеници при извршена контрола на местото на настанот.

Надлежниот јавен обвинител предложи на секој од обвинетите да му биде изречена парична казна од по 100 дневни глоби, при што висината на една дневна глоба да биде определена на 20 евра во денарска противвредност“, се вели во соопштението на Обвинителството.

- Реклама -