ВИДЕО: Фрлена експлозивна направа во семејната пекара на Мисајловски, Мицкоски обвини дека СДСМ стои зад заканата

Утрово во семејната пекара на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листа – Владо Мисајловски, во населбата Ѓорче Петров,  фрлена е експлозивна направа и причинета материјална штета. Информацијата ја објави самиот Мисајловски на Фејсбук.

„Од власта велат ‘можеме’, дека сме ‘на прав пат’, и дека било ‘нормално’, но на терен сѐ е поинаку.

Околу 3 часот наутро во малата продавница на главната улица во Ѓорче Петров која што моето семејство ја работи со децении, фрлена е експлозивна направа и причинета е материјална штета.

Фала му на Бога нема човечки жртви ниту некој е повреден. На свовиден начин се продолжува пироманската традиција откако претходно во текот на изборите 2017та година имаше пожар во мојот дом“, напиша Мисајловски, сугерирајќи дека се работи за нарачана закана пред стартот на изборната кампања.

Како што и самиот напомена, сличен „инцидент“ имаше и во октомври 2017 година, кога беше запалена семејната куќа на Мисајловски, која се наоѓа веднаш до објектот на пекарата. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, сепак, порачува дека нема да го исплашат:

„Нема да навлегувам што и како, кој е и каква е нарачката. Пораката која ја праќаат до мене пред стартот на кампањата сама си се испишува, ама одговорот е дека нема да ме поколебате, ниту исплашите!

Нема потреба од нервоза, промените се незапирливи. Македонија е мојот дом, и јас од него не се откажувам и огромен мотив плус да се сменат работите.

И да на крај ќе додадам, Македонија ќе победи!“, додаде во постот на Фејсбук.

За инцидентот се огласи и лидерот на партијата – Христијан Мицкоски. Тој обвини дека зад заканата стои СДСМ:

„Вистинското лице на власта е она кое се случило утринава во Ѓорче Петров каде е фрлена експлозивна направа во семејниот дуќан коj е во сопственост со децении на семејството Мисајловски. Овде не се работи за ‘случаен’ пожар каков му се случи на Владо Мисајловски пред неколку години, туку за јасна намера. Да не заобиколувам или да се трудам да бидам дипломатски коректен, одговорноста за ова е на власта на СДСМ. Таму треба да се бараат нарачателите и инспираторите на сето ова. И ова е израз на целосна немоќ, страв од пораз и тотална забеганост. Во таква една специфична состојба за нив, тие атакуваат врз слободата и интегритетот на првите лица на опозицијата. Ќе потсетам дека и Игор Дурловски беше вербално нападнат од советник на премиерот. Ова раководство на владејачката партија е свесно дека губи и дека им нема спас, ова е крик на очајни луѓе кои прават се за да не одгововараат пред лицето на правдата. Ама падот е неизбежен и ништо не може да ги спаси. Овде битката е дали ќе им дозволиме на такви бандити да ни ја земат државата и ги контролираат нашите судбини или народот ќе си ја врати државата кај себе. Тие не се свесни дека јас и сите околу мене се решени да одиме до крај додека не го поразиме ова зло. Македонија е многу повеќе наша и на чесниот народ, колку што е на криминалците кои сакаат да печалат на туѓата мака. Ако пораката која сака власта да ја испрати кон опозицијата е страв, тогаш нашиот одговор е одлучност. Тие сакаат држава со искривена кичма, ние ќе ја исправиме Македонија и ќе ги победиме. Мојата поддршка за Владо Мисајловски. Македонија е посилна од сите нив“, напиша Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски: Со Макрон отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон ЕУ

Во меѓувреме, се огласија и од СДСМ. Портпаролот на владејачката партија – Костадин Костадинов, го осуди настанот, а како најповикан го посочи министерот за внатрешни работи Наќе Чулев. Од друга страна, го обвини Мицкоски за ширење лажни вести и побара лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да каже од каде му е информацијата дека СДСМ стои зад инцидентот:

коишто имаме можност ние сите како граѓани да видиме како го злоупотребува МВР, секако можевме да видиме како си снима видео спот за сопствени и партиски цели, наместо да се грижи и занимава со обврската која ја има како министер во МВР.

„Имав можност од медиумите да прочитам за несреќниот настан. Како човек, како одговорна партија, најсериозно го осудуваме настанот и повикуваме надлежните институции до крај да го истражат овој настан со крајна цел да го најдат сторителот. Најповикан во овој случај е Наќе Чулев, министерот за внатрешни работи, којшто имаме можност како граѓани да видиме за што навистина и како го злоупотребува Министерството за внатрешни работи. Секако, имавме можност да видиме како снима видео спот за партиски цели, наместо да се грижи и да се занимава со она што значи обврска како министер за внатрешни работи.

Дополнително, би сакал да додадам за една вест која е лажна и станува пракса за ВМРО-ДПМНЕ, од претседателот на партијата кој го обвинува СДСМ дека стои зад еден таков настан. Уште еднаш ќе повторам станува збор за лажни вести и го повикувам Мицкоски да каже од каде му е таквата информација. Дополнително, затоа што сме сигурни за она што го кажуваме, го повикуваме МВР да го истражи случајот и да ја потврди лажната вест на Христијан Мицкоски“, порача Костадинов од прес-конференцијата во Струмица.

- Реклама -