Бројот на хоспитализирани од Ковид-19 во болниците во земјава продолжува да расте. До вчера утрото, хоспитализирани биле вкупно 364. Ден претходно, како што веќе објавивме, нивниот број изнесуваше 346. До четвртокот, пак, хоспитализирани беа вкупно 337 пациенти, а до средата – 328. До вторникот нивниот број изнесуваше 332, а до понеделникот биле хоспитализирани вкупно 318 пациенти.
Според вчера објавените податоци, во деноноќието 19/20 јуни, на Инфективната клиника 24 часа примени се 9 пациенти. Вкупно се хоспитализирани 101 пациент. На кислородна поддршка се 46 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација. Во ГОБ „8 Септември“ примени се 20 нови, а вкупно хоспитализирани 133 пациенти. На респираторна машина се 5. Во болницата во Битола се хоспитализирани 35 пациенти, а во болницата во Штип се хоспитализирани 19 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 76 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19.
Како што соопштија од Министерството за здравство, од денеска во функција ќе бидат 75 легла во детската болница „Козле“, која се пренаменува во ковид болница за возрасни. На располагање ќе бидат 60 места за болничко лекување на возрасни и 15 за деца сомнителни и заразени од Ковид-19. Во болницата ќе се хоспитализираат пациенти со полесна и средна клиничка слика, бидејќи нема услови за респиратори.
Во меѓувреме, медицинскиот персонал во Градската општа болница „8 Септември“ е на крајот од силите. Со 133 хоспитализирани пациенти, „8 Септември“ се претвори во најголем ковид-центар во државата во кој се сместуваат најголем дел од пациентите со најтешка слика, и притоа во болницата владее општ хаос, пренесува „Фактор“. Во разговор со порталот, дел од вработените се крајно револтирани поради лошите услови за работа, поради кои ризикот да се заразат тие самите се зголемува со секој нов ден:
„Во болницата се сместени и дел од медицинскиот персонал кој се зарази со вирусот. Најголемиот товар паѓа на медицинските сестри, кои тука буквално преспиваат. Позитивна е главната сестра од интерното одделение, хоспитализирана е главната сестра од гастро со тешка клиничка слика. Има позитивни на корона вирусот од интензивната нега, а таму се сместени пациенти со кардиоваскуларни заболувања. Тие пациенти сега се пренесени на неврологија, секој ден нешто се менува. Навистина е општ хаос, преморени сме веќе“, велат тие.
Во пералната, откриваат, состојбата е уште полоша. Вработените таму практично се во постојан незаштитен контакт со постелнината од болните, бидејќи немаат доволно основна заштитна опрема, а воопшто немаат скафандери. Причината, наводно, е што на интерната аптека ѝ е речено да штеди.
„Знаеме дека е криза, но ако вака се продолжи, сите вработени ќе се испозаразиме“, велат вработени за „Фактор“.
Проблеми има и со дополнителниот кадар кој беше ангажиран од другите градови. Тие не ја познаваат доволно болницата (не по нивна вина, за тоа би им требале две-три недели), па се случува да однесат ковид пациент на кат каде не смее да има никаков контакт со вирусот.
Капак на сѐ, дел од вработените не се на листите за платежни картички со 40% од плата како награда за борбата против Ковид-19. Директорот на болницата, д-р. Христијан Костов, подолго време не одговара на повиците, тврди „Фактор“. Повеќе детали ТУКА.