На Јутјуб профил под псевдоним „Али Баба Тредичи“, денеска се објавени две нови аудио снимки од разговори кои се однесуваат на случајот „Рекет“. Снимките се појавија ден откако Боки 13 беше осуден на 9, а Јанева на 7 години затвор, со што се продолжува „традицијата“ снимените разговори поврзани со случајот да се објавуваат во ист ден или набрзо по завршување на рочиштата.
Во новите снимки, главната ролја ја има адвокатот Васил Димишков (барем така тврди објавувачот) – брат на судијката која му одреди притвор на Орце Камчев за случајот „Империја“ – Весна Димишкова.
На снимките се слуша како Димишков спомнува дека има контакти што можат да помогнат и договара план за „човекот да излезе“. Спомнува и високи милионски суми евра, но инсистира прво да се договори планот, бидејќи без план џабе ќе преговара за сумата. Спомнува и дека во моментот цената е висока бидејќи е „вруќа жицата“, а дека во иднина, за некој месец, можеби ќе биде поинаку и истата работа би чинела „само“ 10 илјади:
„Во овој момент толку кошта, после три месеци може да кошта многу помалце. Сега толку кошта, кошта многу пари, не знам дали ќе биде два, дали ќе биде три, дали пет, дали осум… не знам, ќе ти кажам. Меѓутоа во овој момент цифрите се сигурно големи, зашто е сега многу вруќо да се фаќа за жицата, после три месеци може ќе се олади па ќе може и за 10.000 да завршиме, дали ме сфаќаш? Сега е таква состојбата, ако тоа не може да издејствуваме да го реализираме, онда ич да не правиме муабет за цифра. Дај да видиме за планот, ќе видиме што ќе биде“, вели гласот на снимката кој наводно е на Димишков.
Двете снимки се со времетраење од вкупно околу 5 минути, а според објавувачот, целосниот материјал е во времетраење од 57 минути.
Адвокатот Димишков, во улога на сведок за „Рекет“, пред судот тврдеше дека во неколку наврати се сретнал со Орце Камчев, Ана Камчева (која исто така е адвокат) и Зоран Милевски-Кичеец, наводно бидејќи го барале да биде вклучен во тимот адвокати кој требало да го застапува Камчев во „Империја“. Рече и дека се посомневал дека сакаат да го ангажираат бидејќи е брат на Димишкова, за таа да биде изземена од постапувањето за притворот.
„Анализирајќи го разговорот, проценив дека не би требало да му бидам адвокат, па така им кажав сума која знаев дека нема да им биде прифатлива и откако им ја соопштив повеќе не ме побараа“, тврдеше Димишков (повеќе за тоа на „МКД.мк“).
Снимките може да ги најдете ТУКА.