Сите докази во случајот „Рекет“ ѝ се добро познати на јавноста, а причината што Бојан Јовановски вака јавно лаже е што токму Заев го пријавил случајот и ги одбил сите негови барања да му помогне во судскиот процес, вели лидерот на СДСМ – Зоран Заев, во реакција за „Фокус“, откако на денешното рочиште, по изрекување на пресудата, Боки 13 порача дека „парите рекетирани во оваа Македонија треба да се бараат кај Зоран и Вице Заеви“.
Според Заев, денешната пресуда е потврда дека правдата функционира неселективно и завршено е времето кога политичари се јавуваа во правосудството за да заштитат прекршители на законот.
Заев вели дека ќе продолжи да се бори за владеење на правото и одговорност за секој што се огрешил пред законот, и притоа побара да се објават сите негови комуникации со Боки 13 кои, како што тврди, биле доставени до ВМРО-ДПМНЕ од токму од неговиот адвокат Сашко Дуковски. Од нив, вели Заев, јавноста ќе види која е вистината – дека тој и СДСМ бескомпромисно се определени за правна држава и никакви лажни изјави или закани нема да ги одвратат од таа цел.