По 6.5-месечно судење, денеска, во големата сала на Врховниот суд во Скопје, судијката Васка Николовска-Масевска ги изрече пресудите за Бојан Јовановски познат како Боки 13 и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, обвинети во случајот „Рекет“.
Судечкиот совет го прогласи Јовановски за виновен за двете кривични дела, за кои предвидената казна е од 1 до 10 години затвор – „примање награда за противзаконито влијание“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“, и му изрече единствена затворска казна во времетраење од 9 години.
Јанева пак, е прогласена за виновна за злоупотреба на службената положба и овластување – дело за кое е предвидена казна од најмалку 3 години, и доби затворска казна од 7 години.
„Виновни се затоа што во периодот од ноември 2018 година до април 2019 година, обвинетиот Бојан Јовановски со искористување на своето влијание над Катица Јанева која е јавен обвинител во СЈО, преку претходни пријателски односи, влијаел да му се одреди поблага мерка куќен притвор, а притворот бил предложен и одобрен, да му се укине мерката претпазливост, да биде заштитен сведок. Во ова учествувал и осудениот Зоран Милески-Кичеец со договарање на средби. За посредувањето добиле 1.5 милиони евра.
Катица Јанева го прифатила влијанието од Јовановски и како јавен обвинител ја искористила својата службена положба и ги пречекорила границите на своето овластување. Таа за себе набавила предмети, мебел кој за неа го набавил Бојан Јовановски пари во износ од 50 илјади евра. Бојан Јовановски и Зоран Милески побарале 500.000 евра од Ана Камчева и таа им ги дала парите, а Јанева дала предлог да се укине мерката на Камчев и да му се одреди мерка куќен притвор. Апелациониот суд донел одлука за куќен притвор, а за време на нејзиното одржување, Јовановски и Милески го посетувале во неговиот дом. Катица Јанева била вклучувана на спикерфон, а велела дека обвинителката која го работи случајот ќе постапува како што ќе каже таа“, образложи судијката.
На читањето на пресудите присуствуваше само Бојан Јовановски. Катица Јанева не дојде на судењето.
Третиот обвинет – Зоран Милевски-Кичеец, претходно, беше осуден на три години затвор. Тој уште на првото рочиште, во ноември минатата година, ја призна вината, а веќе на следното му беше изречена пресудата.