Полицајците во Чаир кои беа снимени од камерата на „Телма“ како наводно не реагираат додека граѓани опуштено пазарат во продавница на неколку метри од нив за време на викенд-карантинот, ќе се соочат со дисциплинска постапка, најави министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, додавајќи дека за колонијалите, вклучително и овој во Чаир, надлежен е Државниот пазарен инспекторат.
Чулев истакна и дека не е во негова надлежност да одлучува колку полицајци и каде ќе бидат распоредени:
„Немам ингеренции да ја организирам нивната работа, туку како министер само ја оценувам селективноста на законското работење. Не можам да кажам кој службеник и колку службеници каде да одат, за тоа се прави проценка и се изготвуваат планови во оперативен штаб кај директорот за јавна безбедност“, додаде тој, апелирајќи граѓаните да не подлегнуваат на, како што рече, „провокациите кои ги пушта владејачката партија, која се грижи само за сопствениот рејтинг“.
На прес-конференцијата, Чулев информираше дека во текот на карантинот, почнувајќи од четврток во 21 часот па до 05 часот утрово, МВР констатирало вкупно 622 (од кои 53 во Чаир) непочитувања на полицискиот час, односно одлуката на владата за ограничување на движењето. Најголемиот дел од прекршувањата се констатирани на територијата на секторот за внатрешни работи во Скопје – вкупно 340. Од воведувањето на првиот полициски час, пак, вкупно се регистрирани 5.397 прекршувања.
Во однос на уредбата за задолжително користење на заштитна опрема, констатирани се вкупно 1777 прекршувања. Најголемиот дел од нив се однесуваат на територијата на СВР Струмица – 417 и на територијата на СВР Охрид – 356. Вкупната бројка на констатирани непочитувања на оваа уредба до сега е 8.180 и за сите нив се изготвени соодветни поднесоци, информираше министерот.
Изминатиот викенд, во соработка со Државниот пазарен инспекторат, извршени се вкупно 1543 контроли во угостителски објекти, при што констатирани се вкупно 22 непочитувања: 18 на територијата на СВР Охрид и 4 на СВР Струмица.
Во истиот период издадени се вкупно 1.648 решенија за изолација и потпишани се 584 изјави за самоизолација. Од страна на Министерството за внатрешни работи извршени се вкупно 8701 контрола на самоизолација и изолација.