„Околу 15 семејства вкупно носат 90% од новите случаеви, што значи дека болеста се шири тесно во рамките на овие кластери. Имаме втор бран кој е резултат на непочитување на мерките. Сметаме дека бранот многу кратко ќе трае, но да останеме максимално внимателни и претпазливи“, истакна министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција, на која соопшти досега рекорден број на новозаразени (180) во 24 часа. Оваа иста поента, Филипче ја повтори и на социјалните мрежи.
Од друга страна, на истата прес-конференција на која посочи дека 90% од новите случаи се во рамките на 15 семејства, Филипче потенцираше уште една поента – дека последните новодијагностицирани случаи ја потврдуваат исправноста на одлуката за воведување на дополнителна рестрикција во главниот град, но и во другите градови и региони каде има новодијагностицирани пациенти.
Пред само неколку дена, пак, вицепремиерот и шеф на Кризниот штаб – Бујар Османи, изјави дека новите кластери не се резултат на укинувањето на полицискиот час и олабавување на мерките, туку дека заразените се од периодот додека на сила беше полицискиот час. Сепак, и овој продолжен викенд повторно е воведен полициски час, кој властите, вклучително и министерот Филипче, го оценуваат како оправдан.
И тоа што голем број од граѓаните од Скопје и другите градови под целосен полициски час заминаа на продолжен викенд низ државата, не значи дека мерката за целосен карантин е неоправдана, според Филипче, бидејќи било очекувано:
„Кога има продолжен викенд, секако се очекува луѓето да заминуваат надвор од Скопје, но колку и да заминуваат, мора да ги почитуваат мерките. Потребно е само носење на маска, миење раце и држење дистанца. Да не се групираат и да носат маска. Мора да научиме да живееме со ова и понатаму. Ние во следните чекори планираме и отворање на хотелите. Така што, овие мерки се универзални. Ниедна земја нема да може да се справи со ова ако граѓаните не се придржуваат на мерките“.
Патем, министерот Филипче на прес-конференцијата истакна и дека вирулентноста на вирусот значајно слабее. Анализата на симптомите на новите случаи во изминатите 7 дена, рече, укажува дека има случаи кои се асимптоматски и се многу лесни симптоми – близу 90 проценти. Сепак, категорично предупреди дека вирусот е тука и се шири и дека непочитување на мерките ќе значи само продолжување на кризата и никако не помага на целиот тим епидемиолози, инфектолози вклучени во оваа борба кои 3 месеци интензивно работат.
За потсетување, пред само шест дена, на прес-конференцијата на која соопшти уште 14 дена вонредна состојба, претседателот Стево Пендаровски упати порака до Владата дека несовесните граѓани не смеат да бидат повод за казнување на совесните:
„Негативните трендови забележани во некои општини не смеат да бидат повод да се враќаат рестриктивните мерки на целата територија и кон сите граѓани. Надлежните органи и министерства мора да ги санкционираат сите граѓани кои не ги почитуваат мерките, без исклучок и неселективно, сосема независно од нивната етничка и верска припадност. Со неказнувањето на оние кои свесно не ги почитуваат законите се остава простор за враќање на кризата на самите почетоци и крајно неоправдано заради тоа сите останати треба да ги трпат рестриктивните мерки иако за сето време ги почитувале и законите и препораките“, категоричен беше претседателот.
Околу 15 семејства вкупно носат 90% од новите случаеви, што значи дека болеста се шири тесно во рамките на овие кластери. Имаме втор бран кој е резултат на непочитување на мерките. Сметаме дека бранот многу кратко ќе трае, но да останеме максимално внимателни и претпазливи. pic.twitter.com/ImUZ41AR1L
— Венко Филипче (@VFilipche) June 5, 2020