Мицкоски призна дека бил во кафеаната, не бил запознаен со протоколите: Го признавам гревот, но вистинската тема е дека имаме 101 новозаразени

„Во услови кога имаме вистинска катастрофа од ширењето на корона заразата и целосно фијаско на власта која е дезориентирана и не е ефикасна, таа се занимава со тоа дали сум ручал внатре или надвор во ресторан, притоа комплетно покажувајќи го на дело нејзиното нечесно лице и инсталации. Дефокусирајќи ја јавноста со таа ’епска битка’ на специјалците од ЕБР, со вработените од ресторан, јавувајќи се по медиуми, да прават приказна од нешто каде нема и низа други дезинформации, со цел да се дефокусира вниманието од вистинската катастрофа со животите на граѓаните, предизвикана од неспособната власт“, напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кого инспекторите од Државниот пазарен инспекторат вчера го затекнаа во затворениот дел на кафеана на Боемска улица, спротивно од протоколите, кога 2.5 часа подоцна се вратиле кај објектот, откако во првиот обид не им било дозволено да влезат во локалот со образложение дека има само затворен дел и дека таму нема гости бидејќи протоколите на Комисијата за заразни болести не го дозволуваат тоа.

Мицкоки признава дека бил во кафеаната:

„Да, точно е дека бев со двајца мои познаници во ресторан во Дебар Маало, прв пат по укинувањето на забраната за посета на угостителските објекти, поради што и не бев информиран доволно за новите протоколи. Ако тоа е мојот најголем грев и моја грешка и пропуст, јас тоа го признавам и подготвен сум да платам парична казна поради тоа. Не мислам дека луѓето не знаат да направат грешка, битно е грешката да не е таква да направи лошо некому, да наштети некому, да биде непоправлива. Жал ми е што денес, покрај погубните бројки на ново заболени и починати случаи, катастрофалното менаџирање со кризата од корона вирусот, економскиот дебакл на власта, кражбите на парите на граѓаните со милионски суми, рекетите, распродажбата на националните интереси, денеска тема стана и мојата средба со познаници во една Скопска кафеана. Човечки е да се згреши, и не сум лицемер кој едно говори пред камерите, а друго зад нив“, напиша Мицкоски, демантирајќи дека имал било каков контакт со било кој од државната инспекција или органите на државата. Според него, тоа се измислици со цел да се потхрани дефокусирањето на јавноста.

Прочитајте и:  Мицкоски разочаран од новото раководство на СДСМ

Мицкоски додава дека неговиот „човечки грев“ е неспоредливо помал со она што се случува, а тоа е зголемениот број на новозаразени со Ковид-19 и враќање на рестриктивните мерки:

„Да бидам искрен, овој мој човечки грев, сметам дека е многу помал од состојбата која денес се случува врзана со губењето на животи и неодлучноста на владата која го загрижува здравјето на сите.

Денес вистинската тема е што имаме 101 ново заразен и 4 починати. Власта сака да продаде приказна за да ја скрие вистината за себе, и фактот дека моето одење во ресторан не зарази никого, но нивната неспособност и СДСМ кластерот, да.

Ако некој имаше дилема, сега е повеќе од јасно, кристално јасно дека власта и параполициските сили диригирани лично од Зоран Заев ме следат. И треба да знаат, Македонија не заборава, а сите тие ќе бидат поразени!“, заврши Мицкоски.

Инаку, вчера, откако меѓу гостите во кафеаната бил препознаен лидерот на политичка партија, пред кафената се случувала тотална бркотница која кулминирала со распоредување на силите на ЕБР и Интервентната полиција со цел да се обезбедат снимките од локалот, откако претходно, според „МКД.мк“, некој се обидел да ги избрише.

- Реклама -