Мицкоски: Луѓето со право се прашуваат зошто седеле дома повеќе од 2 месеци, ние единствени во светот веќе го живееме новиот бран на Ковид-19

Се покажа дека „Здравјето пред сѐ“ е само флоскула за власта додека во позадина канонада од случувања покажуваат дека се глуми изнасилена нормалност изградена на нездрави основи која деновиве завршува со класична капитулација, оценува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски.

Сѐ она што се прикажувало како лажен успех сега се враќа како бумеранг соочувајќи нѐ со грдата реалност – дека луѓето се препуштени самите да се грижат за своето здравје, рече тој на денешната партиска прес-конференција. Системот, додаде, не само што потклекна, туку е збришан од политички диктати, примеси на суети, дворски игри и желбата да се клекне државата. Сето тоа се прави во обид да се спасат неколку луѓе од одговорност, додаде.

„Луѓето со право се прашуваат зошто седеле дома повеќе од 2 месеци кога вака власта дозволи, поради брзи избори да глуми нова нормалност и да ги изложи сите граѓани на нов ризик. Но и во право се оние кои се чудат како е можно вака ноншалантно веднаш да заборави власта на ризиците, мерките и крантините, само во функција на налог кој ќе го добие од Зоран Заев да глумат дека сѐ е нормално.

Ние сме единствената земја во светот која веќе го живее новиот бран на Ковид 19 вирусот кој е последица на лошо менаџирање и политички притисок на еден човек. Ќе ве потсетам само на оние надри медицински пресметки на Зоран Заев кога точно ќе почнел вториот бран, како сѐ имал под контрола, и сѐ така како нему му одговара наспроти реалноста и бројката на новозаразени која постојано одзвонуваше и се зголемуваше. Кога предупредував на сето ова, Зоран Заев ингорираше“, рече Мицкоски, посочувајќи дека секогаш кога тој и ВМРО-ДПМНЕ критикувале – или  биле етикетирани, или жестоко нападнати, или несериозно исмевани од Заев и СДСМ, односно власта, но дека сите негови стравувања се потврдиле: дека се пристапува премногу политички и непрофесионално и дека недоволно се штити народот од корона.

Прочитајте и:  Мицкоски разочаран од новото раководство на СДСМ

Додаде и дека неговите и критиките од опозицијата не се поради страв од избори, туку поради стравот за животите на илјадници граѓани и стотици семејства кои во овие моменти треперат над своите најблиски зафатени од овој смртоносен вирус, со кои Зоран Заев се коцка барајќи го својот спас од одговорност“.

Мицкоски истакна и дека е длабоко разочаран од Комисијата за заразни болести и побара нејзино разрешување, а на нејзино место формирање на експертски тим од непартиски професионалци:

„Морам да кажам дека многу сум разочаран од Комисијата за заразни болести и нивните проценки. И да точно е, јас, а и целата јавност на почетокот безрезервно дадовме поддршка на нивната работа, затоа што верувавме дека се водат по Хипократова заклетва, ама се покажа дека тие се водат по Заевиот диктат. Повеќето се директори поставени од оваа власт предводени од докторот со политички амбиции Караџоски, и може да се каже дека во најголема мера ги сервисираат потребите и барањата на Бихачка и Заев, наместо потребите на системот кој не покажа отпорност кон оваа деликатна здравствена ситуација. Затоа мора да биде разрешена оваа комисија и да се формира тело од непартиски професионалци кои нема да се водат од политичките туку исклучиво здравствените интереси на граѓаните. Нам ни треба систем со доверба и професионалци во кој народот ќе биде сигурен“.

Заев игра нечесна игра со човечки судбини, која за жал станува сѐ побрутална – оцени Мицкоски и повика власта да престане да лицитира со датуми за избори бидејќи приоритет број еден треба да се здравјето на граѓаните и заштитата на стандардот „и ништо друго, ама баш ништо друго“.

„Мора да се носат одлуки кои нема да бидат под импресија на тесногради интереси, туку како последица на разум и мудрост“, рече тој.

 

- Реклама -