Граѓаните се олабавија побрзо од мерките и неодговорното однесување ја наплаќа цената. Како поинаку да се објасни тоа што од сите земји во регионот, токму Македонија има најголем број на нови заpaзени?
Како што објави „Телма“, и во последните 24 часа бројот на позитивни (21) од вкупниот број тестирани (258, од кои 13 се од скринингот во градинките, а 17 се контролни тестови за оздравените) е околу 10%, слично како и во изминативе денови. За споредба, министерот Венко Филипче во повеќе наврати потенцираше дека загpижувачката граница е 5% и дека процентот мора да е под таа граница.
Во последните пет дена, пак, од 19 до 24 мај, земјава има 161 новозаразени. Со таквата статистика земјава е „лидер“ меѓу своите соседи, и тоа во период кога сите ги олабавуваат мерките и полека, но сигурно, се враќаат кон нормала. Имено, на милион жители, Македонија во последниве шест дена има 80 новозаразени. Зад нас е Србија, со речиси 30 помалку, односно 53 нови случаи на милион жители. Понатаму следуваат Бугарија – 28, Албанија -18 и Грција – со само 4 новозаразени. Хрватска за пет дена има само 16 нови случаи, односно четворица новозаразени на милион жители.
Македонија е „во врвот“ и по уште статистика – бројот на активни случаи, покажува анализата на „Телма“. Денеска нивниот број се искачи на 447. Само пет дена порано, на 20 мај, истиот изнесуваше 381.
Со други зборови, земјава има 223 активни случаи на милион жители. Пред нас е само Србија, со 582/милион. Бугарија има 208, Грција 128, а Албанија 63. Хрватска има само 28 активни случаи на милион жители.
Црна Гора, од друга страна, ја предводи Европа и веќе 20 дена нема ниту еден нов случај на Ковид-19, со што станува првата европска земја во која е искоренет вирусот, иако беше последната на континентов кога го регистрираше првиот случај.