Во попладневните часови на 17 мај 2020 година (недела) извршено е тестирање за КОВИД-19 на едно лице од тимот на обезбедувањето на претседателот Стево Пендаровски, вработен во Министерството за внатрешни работи, при што е утврден позитивен резултат, информираа денеска од Кабинетот на претседателот.
Заpaзеното лице е дел од поширокиот тим на обезбедување, што значи дека немал директна комуникација со претседателот. Минатата седмица користел годишен одмор, а последен пат бил на работното место на 11 мај 2020 година (понеделник).
По спроведената епидемиолошка анкета, тестирани се 11 лица кои биле во контакт со лицето кое е позитивно и сите 11 се негативни на КОВИД-19. И покрај тоа, тие остануваат во самоизолација до 25 мај, до истекот на периодот на инкубација од 14 дена.
По извршената епидемиолошка анализа, претседателот Пендаровски и членовите на неговото семејство се оценети како контакти од втора линија, за кои според епидемиолошкиот протокол не се препорачува изолација.
Според информации на „Фокус“, позитивниот член на обезбедувањето вирусот го дoбил кога ја носел баба му во бoлница, каде таа се заpaзила со виpyсот. Според извори на порталот, тоа се случувало додека бил на годишен одмор, но потребата за тестирање на 11 лица и нивно останување во самоизолација произлегува од тоа што истиот ден кога прв пат ја носел во бoлница, телохранителот имал контакт со луѓето од тимот на обезбедувањето на претседателот.
Од Кабинетот на Пендаровски уверуваат дека продолжуваат непречено да функционираат и дека претседателот продолжува со извршување на редовните работни обврски, согласно препораките за заштита од КОВИД-19. Во изминатите два месеци, велат, вработените работат по различен распоред, а поголемиот дел од активностите се одржуваат на отворено, при што на средбите и настаните се одржува препорачаното физичко дистанцирање, се користи заштитна опрема како маски и ракавици, средства за дезинфекција, а и редовно се чистат и дезинфицират просториите во „Вила Водно“.