Скратувањето на полицискиот час ќе биде една од темите на владината седница, но засега Комисијата за заразни болести нема препорака за негово намалување или целосно укинување, рече министерот за здравство Венко Филипче.
Токму полицискиот час, истакна министерот, е еден од факторите кои најмногу влијаел да се стави крај на ширењето на вирусот и истиот овозможува контролата најдобро да се спроведува.
Скратувањето на оваа рестриктивна мерка ќе се дискутира на седницата во насока на можното олабавување на мерките и потребата за евентуално редефинирање на полицискиот час во врска со некои од економските оператори, рече Филипче, но додаде дека засега нема нешто што би упатувало на таква потреба, бидејќи секако олеснувањето на мерките и враќањето во функција на економските оператори е предвидено да се одвива во рамки на часовите во кои е дозволено движењето.