„Да се гордееме со домашните текстилни компании. Брзо се адаптираа и произведуваат заштитна опрема во полн капацитет!“, напиша министерката за финансии Нина Ангеловска на Фејсбук.
Како што информира, извозот на маски, скафандери и друга заштитна опрема е речиси за 300% поголем во април споредено со април минатата година.
Македонските маски и опрема ќе го заштитат здравјето на илјадници граѓани ширум светот, вели Ангеловска. Најмногу заштитна опрема, според вредност, извезена е во Германија, Катар, Холандија, Белгија, Австрија.
Како што вели Ангеловска, се шијат и извезуваат маски, скафандери, заштитни одела, па дури и торбички и футроли за маски. За 300% е зголемен извозот на ”други текстилни производи”; во април 2019-та изнесувал 135 милиони денари, додека во април 2020 изнесувал 390 милиони денари.
„Брзата адаптација е клучот за успехот!“, констатира Ангеловска, посочувајќи ги текстилните компании како пример за сите: „Најбргу ќе ја пребродат кpизата, оние кои најбрзо ќе се адаптираат“, вели министерката.
„Да се обидеме да бараме можности во проблемите, наместо проблеми во можностите“, порачува таа.