Познат шведски епидемиолог за вториот бран на Ковид-19: Луѓето кои сега се во карантин, ќе се разболат кога забраните ќе бидат укинати
Луѓето кои се заштитени благодарение на карантинот ќе се заразат кога сите забрани ќе бидат укинати и тогаш државите ќе ја добијат реалната стапка на смртност, тврди еден од главните стручни советници на шведската влада, истакнатиот епидемиолог Јохан Гиесецке.
Во Шведска ситуацијата со епидемијата е таква што бројот на заболени ниту опаѓа ниту расте, а властите од Стокхолм очекуваат трендот да се смени и бројката на новозаразени наскоро да започне да опаѓа.
„Ниту во Шведска животот не функционира сосема нормално, но тоа не е работа на наредба. Им објаснивме на луѓето за каква болест станува збор, како да се заштитат и тие го почитуваат тоа. Луѓето во Шведска не се глупави, ако им кажете што е добро за нив и ако им го објасните тоа, тие ќе ве послушаат“, изјави Гиесецке.
Додека во Македонија истакнати директори или пак обични граѓани не кажуваа дека се болни и ја ширеа заразата меѓу луѓето околу себе, играа ора и дури и се собираа на протести, овој епидемиолог верува дека во Шведска околу 90% од граѓаните ги слушаат препораките на властите и токму тоа дава резултати.
„Додека повеќето го прават тоа што сте го препорачале, добро е. Не мора да се 100% од луѓето, доволни се и 90%“, вели Гиесецке.
Епидемиологот вели дека благодарение на тој пристап, во Шведска до оваа есен голем дел од жителите ќе стекнат имунитет и нема да има голем раст на новозаболени: „Очекуваме вирусот да биде присутен во текот на летото, но на есен нема да имаме друг бран затоа што до септември ќе имаме колективен имунитет“.
Иако многумина сметаа дека шведскиот модел е неетички затоа што на некој начин се жртвува најчувствителниот дел од популацијата – постарите луѓе и хронично болните, епидемиологот не се согласува со тоа.
„Луѓето умираат и во другите земји, а голем проблем е тоа што ниту една земја не се подготви добро за да ги заштити постарите луѓе, па заразата продре и во домовите за стари лица“, изјави Гиесецке и додаде дека при евентуален втор бран, не би требало да биде прогласен карантин.
„Погрижете се за старите и болните, а младите не треба да ги заштитувате, туку да ги оставите да ја шират болеста. Сите ќе ја добијат реалната стапка на смртност кога ќе започнат со отворање. Луѓето кои не починале сега, ќе починат кога ќе ги пуштите од карантин“, изјави Гиесецке кој предвидува дека епидемијата ќе биде готова до Божиќ.