Научниците од Јужна Кореја објавија дека случаите на пациенти кај кои повторно се појавил коронавирус биле резултат на грешки при тестирање, објави „Скај њуз“. Истражувачите од јужнокорејскиот Центар за контрола и превенција на болести сега велат дека е невозможно повторно да се појави „Ковид-19“ кај луѓето кои веќе ја имале оваа болест и дека вирусот не може повторно да се активира во човечкото тело.
Во Јужна Кореја се детектирани над 10.000 случаи на коронавирус, а починале 245 лица. Се верува дека 277 луѓе повторно заболеле од „Ковид-19“, а слични случаи се пријавени и во Кина и Јапонија. Тоа предизвика загриженост дека вирусот толку брзо мутира што луѓето не создаваат имунитет и може повторно да се заразат. Но, генетските анализи на вирусот покажаа дека не се менува значително за да може да го залаже имунолошкиот систем.
Првите претпоставки не зедоа предвид дека тестовите што ги користат не даваат добри резултати. Поточно, јужнокорејскиот Центар за контрола и спречување на болести заклучи дека постојните тестови не можат да направат разлика помеѓу живите траги од вирусот и безопасните мртви примероци што останале во телото откако ќе оздрави пациентот.
Јужнокорејските експерти, исто така, додадоа дека новиот коронавирус се разликува од другите вируси како ХИВ, кои можат да влезат во човечките клетки и да останат таму долго време пред да се реактивираат.
„Тоа значи дека не може да предизвика хронична инфекција или рецидив“, рече д-р Ох Мјунг-дон, првиот човек на Центарот за контрола и превенција на болести во Јужна Кореја. Тој додаде дека тоа значи дека пациентот веројатно нема повторно да се зарази со коронавирус. Но, во иднина е можно коронавирусот, исто како и грипот, да мутира и да ги инфицира луѓето кои претходно го имале.