СДСМ за брзи избори, ВМРО ДПМНЕ против

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ ја одбива можноста за брзи избори, веднаш по укинувањето на вонредната состојба. По положувањето на цвеќе на гробот на Гоце Делчев, повтори дека, сега се приоритет здравјето, економијата и враќањето на самодовербата кај граѓаните, па дури потоа изборите. Не откри дали пратениците од неговата партија ќе седнат во пратеничките клупи, доколку уставните судии одлучат да се укине одлуката за распуштање на Собранието.

За тоа, како понатаму без избори, очекува да се договорат на лидерската средба кај претседателот Пендаровски. Вели дека се консултирал со правници и има законски можности да се најде решение.

Министерката Радмила Шекеринска, која денеска исто така положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев, се откажа од изјавата за медиумите пред црквата „св. Спас„ откако група навивачи почнаа да скандираат „Никогаш Северна, само Македонија“. Изјавата ја даде подоцна, во градскиот парк, каде го повтори ставот дека тие се за избори во најбрз можен рок, затоа што не сакаат државата да влезе во вториот бран на можната епидемија наесен, без функционално Собрание.

Конечната одлука ќе се носи на лидерската средба, најавена за следната недела. Претседателот Пендаровски веќе најави дека, ако продолжи нискиот тренд на заразени лица, ќе размисли двапати пред да ја продолжи вонредната состојба.

Уставниот суд, пак, задутре ќе ја оценува уставноста на одлуката за распуштање на Собранието донесена на 16 февруари. Телма веќе објави дека, судии во Уставниот суд планираат да им предложат на своите колеги да покренат иницијатива по службена должност за укинување на одлуката за распуштање бидејќи сметаат дека е беспредметна. Образложението е дека одлуката не резултираше со предвремени избори на 12 април.

- Реклама -