За „Фокус“ од Германија: Здравствените работници заразени со Ковид-19 одат на работа и дежураат секој трети ден

Ангела Камчева е докторка во помала болница во Германија и таа за „Фокус“ ги сподели сопствените искуства како тие се справуваат со опасниот Ковид 19, каде досега се заболени 157.495, а починале 5.944 пациенти.

„Уште од почетокот на епидемијата во Италија, започнаа и подготовките во поголемите и помалите болници во Германија. Клиниката во која што работам е помала клиника со 300 кревети. Две одделенија (Гастроентерологија и Гериатрија) беа затворени и претворени во Одделение за изолација и така беа подготвени првични 100 кревети за Ковид инфицираните пациенти. За Ковид пациентите се грижат доктори интернисти, кардиолози, гастроентеролози, геријатри, хирурзи, дерматолози, пулмолози…. значи се активираа сите специјалности. Во интензивното одделение се интернисти и анестезиолози – раскажува Камчева.

Таа додава дека на пациентите кои се во нормално одделение за изолација секојдневно им се контролира крвна газна анализа.

„При влошување на состојбата се префрла во интензивно одделение. И помалите клиники успешно се справуваат со интубираните и на вештачко дишење пациенти. Од мојата клиника само еден пациент со потешка клиничка слика беше префрлен во Универзитетска клиника на ЕЦМО. Проблем за медицинскиот персонал не се инфицираните пациенти, туку тие што доаѓаат поради друго и немаат типични симптоми. Од таквите пациенти голем број од медицинскиот персонал е инфициран – вели Камчева.

За разлика од Северна Македонија, само на медицинскиот персонал кои имаат симптоми им се зема брис, можат да одат на работа и 14 дена од контактот со инфицираниот имаат право да го напуштат домот за работа, а немаат право да одат да пазаруваат и беспотребно да излегуваат.

„И за позитивните со Ковид важи истото, дома во карантин, а на работа може да оди додека нема симптоми. Тоа не го решава шефот, туку Центарот за епидемиологија, кои секојдневно се во контакт со контактните личности и со позитивните. Ете и јас имав контакт со 6 Ковид пациенти, имав карантин 14 дена, можев домот да го напуштам само да одам на работа. Па, ако сите позитивни и контактни медицински персонал останат дома, тогаш ќе колабира здравствениот систем. Дури и шефовите работат како сите други и секој трети ден имаат по 12 саати дежурства. И што е најинтересно, голем е бројот на доброволен медицински персонал што сака да работи во Ковид одделенија, дури и медицински персонал и доктори што се во пензија – додава Камчева.

- Реклама -