СЗО го пофали шведскиот пристап кон пандемијата: Шведска ќе биде модел за иднината

Светската здравствена организација (СЗО) вчера го пофали шведскиот одговор на епидемијата на коронавирусот, нарекувајќи го дури „модел на иднината“.

Д-р Мајк Рајан – главниот извршен директор на програмата за вонредни ситуации на СЗО, застана цврсто во одбрана на пристапот на оваа скандинавска земја кон справувањето со коронавирусот, која стана мета на силни критики од јавноста за благите мерки што ги воведе.

„Мислам дека надвор постои перцепција дека Шведска не ги контролираше мерките и дека едноставно дозволи болеста да се шири. Тоа не може да биде подалеку од вистината“, рече Рајан, додавајќи: „Шведска воведе многу силна политика за јавно здравје, физичко дистанцирање на луѓето, грижа и заштита на луѓето во болниците и другите установи“, додаде тој.

МОДЕЛ НА ИДНИНАТА

„Она што Шведска го направи поинаку од другите е тоа што се потпре на нејзиниот однос со граѓаните и на способноста и подготвеноста на граѓаните да го спроведат физичкото дистанцирање и да се саморегулираат, ако преферирате да го искористите тој израз“, продолжи Рајан, сумирајќи го шведскиот пристап како „партнерство со населението“.

„Ако сакаме да постигнеме нова нормалност, Шведска на многу начини ќе биде модел за иднината, ако сакаме да се вратиме во живот без карантин“, рече Рајан на брифингот во Женева.

Според најновите податоци, Шведска има нешто повеќе од 20.000 потврдени случаи на коронавирус и повеќе од 2.400 cмpтни случаи.

Како што е веќе познато, Шведска се определи за многу полиберални мерки, без наметнати рестриктивни мерки на движење. Дури дозволи и работа на кафулињата, рестораните и слични бизниси кои Швеѓаните лежерно продолжија да ги посетуваат.

Забранети се само собирите на повеќе од 50 лица, а останатото се повици за лична одговорност на граѓаните, работа од дома кога е изводливо, во кафулињата и рестораните да се седи на дистанца. Основните училишта се отворени, додека средношколците и студентите учат од дома.

Обраќањето на Рајан е на 43-та минута во видеото:

- Реклама -