Сите ја сакаат Мишел Обама за потпретседател на Бајден, таа нејќе

Сопругата на Џо Бајден, Џил, е последната демократка што отворено кажа дека посакува Мишел Обама да биде на годинашното избирачко ливче како потпретседател на нејзиниот сопруг – и покрај фактот дека се чини дека поранешната прва дама има нула интерес за позицијата.

Сè повеќе демократи се залагаат за ливче со имињата Џо/Мишел во 2020 година, само што овој пат сакаат да ја видат Обама како „втора виолина“ на Бајден.

Дури и самата сопруга на Бајден ја поддржа идејата, и покрај фактот дека поранешната прва дама јасно и гласно кажа дека „нема никаква намера некогаш да се кандидира за функција“.

Д-р Џил Бајден во петокот во интервју за Си-ен-ен кажа дека би сакала Мишел да се согласи на тоа. Иако призна дека на Мишел Обама веројатно ѝ е „преку глава од политика“, Џил Бајден изгледаше одушевено од можноста таа да се кандидира за потпретседател, велејќи дека Обама е „толку добра во сè што прави“.

Самиот Џо Бајден повеќе пати зборуваше во прилог на поранешната прва дама како можен партнер на изборите, а во понеделникот рече: „Таа е брилијантна. Таа знае како треба. Таа е навистина фина жена. Обамовци ни се големи пријатели“.

Но пустата желба најверојатно е повеќе поврзана со потребата Бајден да има популарен партнер во трката – за да го надомести заостанувањето поради невештите говори и виралните гафови – отколку што навистина сака да има нешто со Мишел Обама, жена што никогаш не била на јавна функција ниту изразила намера да го стори тоа.

Валери Џарет, поранешна советничка во администрацијата на Обама, оваа недела потврди дека поранешната прва дама нема ни најмал интерес.

„Едноставно таа никогаш нема изразено интерес да се кандидира за функција“, рече таа за Хил. „Таа не се прави скромна. Не глуми незаинтересираност. Едноставно не ја сака работата“.

- Реклама -