Во Србија паѓа бројот на новозаразените, мерките се ублажуваат, полицискиот час останува

Бројот на новозаразените со коронавирусот во Србија осцилира, но е во пад, а експертите оценуваат дека „вирусот слабее“ па продолжува постапното ублажување на мерките, иако цела Србија и овој викенд, трет по ред, ќе биде во дводневен карантин со полициски час од денес во 18 до понеделник во пет часот наутро.

Според последните податоци на кризниот штаб, од четврток попладне до петок во 15 часот во Србија се тестирани 3.563 лица, а коронавирусот е потврден кај 207, што е за 45 повеќе од вчера, но за 23 помалку од пред два дена.

Во последните 24 часа починаа уште пет пациенти, што досега вкупно сочинува 144 жртви.

Заразени низ земјата има 7.483, со 1.094 пациенти кои оздравеле од ковид-19 и 6.245 активни случаи, од кои на болничко лекување се 3.164 пациенти, а на респиратори се 95.

Од почетокот на епидемијата на 6 март до петок 24 парил тестирани се вкупно 54.887 лица.

Експертите веќе неколку дена тврдат дека заразата слабее и дека кај новозаразените е приметенеа поблага клиничка слика или се асимптоматски случаи на ковид-19.

Сето ова е причина српската влада од ден во ден да носи одлуки за постапно ублажување на превентивните мерки, но и покрај тоа овој викенд цела Србија ќе биде во карантин и под општа забрана за движење до понеделник наутро во 5 часот.

Кризниот шатб најави дека ублажувањето на мерките ќе почне на 27 април со постепено отворање на меѓуградскиот превоз, потоа и пазарите во затворено, а ќе се отворат и фризерските и коземтичките салони, салите за вежбање и фитнес.

Дополнителното ублажување на мерките ќе продолжи на почетокот на мај, но засега се чини дека и следниот викенд, за Меѓународниот празник на трудот, од 1 до 4 мај цела Србија повторно ќе биде во карантин и под полициски час со цел сузбивање на ширењето на коронавирусот.

Според податоците на српското министерство за правосудство, забраната за движење, полицискиот час и мерките за изолација и самоизолација за месец и пол ги прекршиле над 4.780 лица, а изречените казни, чија наплата е во тек, во државниот буџет ќе внесат 211 милиони динари, односно околу 1,78 милиони евра.

- Реклама -