Кумановскиот градоначалник тврди дека е негативен на Ковид-19 и бара итно да се врати на работа

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, соопшти дека вчера со сопругата направиле тестирање на коронавирус во неколку лаборатории, а резултатите од тестовите биле негативни. Тој посочи дека станува збор за релевантни лаборатории во државата, но не кажа кои се тие.

„Заедно со сопругата, почитувајќи ги сите безбедносни протоколи и процедури, направивме тестирање на Ковид-19 на сопствена сметка во неколку релевантни лаборатории во државата, а воедно претходно и тестирање од страна на ЦЈЗ Куманово на сите членови од моето семејство. Сите тестови се негативни“, пишува Димитриевски.

Тој бара Центарот за јавно здравје да ги разгледа резултатите од тестирањата, ако треба, да го повтори тестирањетo, и веднаш да му ги укинат решенијата за самоизолација.

„Итно да достават барање за укинување на решенијата за самоизолација за мене и за членовите на моето семејство и за сите мои контакти посочени во епидемиолошката анкета. Се надевам дека моето барање ќе биде итно разгледано и реализирано во рамките на процедурите бидејќи, покрај негативните тестови, мојата здравствената состојба и моето семејството се добро и не постојат никакви симптоми, ниту показатели на инфекција од Ковид-19, со цел да се вратам на секојдневните работни обврски и заедно со мојот тим во ОШЗС да продолжам со борбата против епидемијата во нашиот град и државата. Ги отфрлам сите обвинувања за наводниот мој позитивен тест на коронавирусот, анатемата мора да се тргне. Посакувам брзо закрепнување на сите мои граѓани, кои во моментот се борат со болеста, а на сите други – да ги почитуваме мерките и да држиме социјална дистанца“, додава Димитриевски.

- Реклама -