Филипче: Рано е да се каже дали граѓаните да планираат летни одмори

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека рестриктивните мерки ќе се попуштаат постепено и дека полицискиот час нема да се укине наеднаш туку прво ќе се скрати, а физичката дистанца ќе биде главниот услов кој ќе мора да се почитува при нормализацијата на животот.

Во интервју за „Дојче Веле“ Филиче изјави дека е рано да се каже дали граѓаните можат да планираат летни одмори.

„Рано е да се каже зашто мислам дека нема две исти земји во кои се преземени идентични мерки и тие дале исти резултати. Зошто? Затоа што секоја земја има различно поставен здравствен систем, секоја земја има различен менталитет, мерките се воведуваат врз основа на сите карактеристики, врз основа на податоците за бројот на новозаболени“, изјави Филипче, одговарајќи на прашањето дали може да им порача на своите сограѓани да не планираат летни одмори, како што тоа го направија некои германски министри.

Во однос на рестриктивните мерки тој најави дека ќе се олабавуваат во мај, но тоа нема да биде одеднаш туку постепено. Полицискиот час, на пример, пред да се укине целосно, прво ќе се скрати, а за време на викендите ќе се размислува дали ќе остане да важи во текот на двата дена или не. Но, тие дискусии здравствените власти ќе ги водат во текот на следната недела врз основа на новите податоци за заразени пациенти и затоа засега не се знае датумот кога ќе почне олабавувањето.

„Само физичката дистанца на сите овие места ќе биде тоа што ќе треба да се почитува за постепената нормализација на животот. Мислам дека сме на добар пат, некаде на почетокот на мај кога ќе оцениме дека е добро да се попуштат овие рестриктивни мерки, да бидеме спремни да функционираме по ново, односно да ги почитуваме мерките на физичка дистанца со цел да не се соочиме со ситуација да имаме нагол, нов пик на зголемен број на пациенти“, рече Филипче.

- Реклама -