Државата се наоѓа на средина од 85 часовниот карантин и додека властите очекуваат ефекти од ваквите рестриктивни мерки против ширењето на корона вирусот на почетокот на мај, бројот на заразени во изминатото деноноќие се зголеми за 53, достигнувајќи 1.170 заболени.
Забраната и посебниот режим на движење на територијата на државата ќе трае до вторник (21 април) во 5 часот наутро, а Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи (МВР) да ги интензивира контролите околу верските храмови за време на Велигденските празници.
Сите превентивни мерки што досега се преземени, според министерот за здравство Венко Филипче, ги даваат резултатите и затоа имаме линеарен пораст на пацинети кои може да бидат примени во болниците и соодветно да се третираат.
„Сметам дека и во периодот што следува ќе дадат дополнителни резултати во смисла на тоа трансмисијата на болеста значително да се намали и некаде на почетокот на мај, ние да имаме период во кој бројот на новодијагностицирани пациенти ќе се намалува и ќе бидеме во ситуација да ги попуштаме рестриктивните мерки“, изјави Филипче.
Во изминатите 24 часа се излекувани 25 пациенти со што нивната вкупна бројка е 164. Според податоците од Институтот за Јавно Здравје (ИЈЗ) од пријавените случаи за кои се добиени податоци, 20,7 проценти се или биле хоспитализирани во текот на болеста, а останатите случаи биле или се на домашно лекување и во домашна изолација, асимптоматски или со полесна клиничка слика.
Најчести симптоми кај заболените се: температура (64,3 отсто), кашлица (54,1 отсто), малаксаност (32,3 отсто), треска (18,5 отсто), главоболка (17,5 отсто), болка во грло (15,7 отсто) и отежнато дишење (14,1 отсто). Кај 33,8 проценти од дијагностицираните лица не се регистрирани симптоми на заболувањето.
Болничките капацитети, како што информираше министерот Филипле, не се преполнети, и искористени се половина од иницијалниот капацитет на Инфективната клиника, околу 20 проценти од болницата „8 Септември“ и сосема мал процент на исполнетост на инфективните одделенија на другите болници.
На Инфективната клиника во Скопје, вкупно се хоспитализирани 52 лица, од кои 16 добиваат кислородна поддршка, а пет се приклучени на механичка вентилација. Во ГОБ „8 Септември“ се лекуваат 41 пациент. На респираторна машина се приклучени осум пациенти. Во болницата во Битола се хоспитализирани 12 пациенти потврдени и суспектни на вирусот, од нив три се на кислородна поддршка. Во штипската болница хоспитализирани се вкупно девет лица, сите во стабилна состојба.
Сите држави, како што објасни Филипче, се соочуваат со нешто непознато досега и сите мерки, препораки и насоки ги црпиме од знаењето и стручноста на епидемиолозите и членовите на Комисијата за заразни болести. Тој, изрази очекување дека на крајот на мај ќе ги видиме ефектите од сите овие страшни и рестриктивни мерки досега.
Премиерот Оливер Спасовски, пак, информира дека се прави сериозен план за тоа како и на кој начин по 1 мај да се почне со олеснување на дел од мерките, а кои ќе бидат во функција на враќање на животот во нормала.
„Ни беше важно да создадеме услови за работење на здравствените работници. Сметавме дека мерките за физичко дистанцирање даваат резултати, затоа и имаше одлуки за неработење на училиштата, градинките, многу компании не работеа, вклучително и оние во угостителството, туризмот. Тоа беше неопходно. Сите ќе поднесеме дел од товарот од оваа криза. Ова не е време за каков било профит, сите треба да бидеме насочени кон успешно справување со оваа состојба“, порача премиерот Спасовски.