Министерот за внатрешни работи – Наќе Чулев, по повод најголемиот христијански празник Велигден, испрати порака до сите припадници на Министерството за внатрешни работи, како и до сите граѓани. Чулев го честиташе празникот и увери дека заедно ќе ја победиме пандемијата.
„Во овие исклучително тешки моменти, кога сите ние – не само во нашата држава, туку и глобално – сме исправени пред еден крајно опасен предизвик кој го загрозува нашето здравје, како што е пандемијата од короновавирусот, би сакал да ви се обратам на сите вам со неколку пораки, со надеж дека ќе допрат до секој од нас и ќе бидат наша водилка, наша заедничка сила која ќе ни помогне да ги санираме сите видливи и невидливи последици кои пандемијата ги остава зад себе.
Јас немам дилема, немајте и вие – заедно ќе ја победиме пандемијата. Тоа што сега за нас е прироритетно е таа победа да не биде „пирова“, односно да биде со што помалку изгубени човечки животи. Затоа што само човечкиот живот има непроценлива вредност.
Борбата за секој човечки живот, за здравјето на граѓаните мора да биде бескомпромисна, сеопфатна, дисциплинирана – со еден збор, вели, императивна сама по себе!“, порачува Чулев.
„Институциите на системот, особено оние што се на првата линија во стратешката превенција и справување со пандемијата, а тука пред сѐ мислам на министерствата за здравство, на полицијата, на армијата но и другите важни чинители во вакви кризни состојби, мораат, крајно пожртвувано, како и досега, да ги вложат сите свои капацитети, сите свои расположиви потенцијали за да го обезбедат здравјето и здравствената сигурност на секој наш граѓанин.
Ние, во целосна соработка со вас почитувани граѓани, тоа и ќе го направиме. Се работи за мисија која нема друга алтернатива и која можеме да ја реализираме сите заедно, сплотени и солидарни. Конечно, таквото заедништво денес на големиот христијански празник Велигден, треба да биде одраз на нашата свесност за важноста на таа највозвишена морална вредност, на највисоката етичка доблест што треба да ја оживотвориме како конкретно дело, а не пароли: пожртвуваност за секој поединец! И не само сега, туку и во деновите потоа кога ќе мораме со ист, ако не и уште посилен напор, да се соочиме со лузните што пандемијата ќе ги остави зад себе. Оти луѓето се тие што го прават општеството, а не спротивно“, додава министерот.
„Денес, на овој голем празник, сакам уште еднаш да ја истакнам и потенцирам важноста на полицијата во овие значајни денови за сите нас и уште еднаш да изразам признание и благодарност за нивната храброст и нивната пожртвуваност во сиот овој период.
На крајот дозволете ми на сите наши граѓани од христијанска вероисповед да им го честитам големиот празник на Христовото воскресение, со една единствена желба: сите ние, независно на верската или друга определба, да бидеме мудри и разумни, сочувствителни и кооперативни, истрајувајќи и победувајќи го премрежието со кое што човештвото се соочува денес.
Покрај сите други успеси и вечната потрага по совршенство, подеми и падови, на крајот на денот сѐ се сведува на првата и последна, една и единствена вредност, која човекот може да ја постигне – а тоа е да има љубов, блискост, да има семејство.
Во оваа прилика уште еднаш упатувам порака: денешниот ден празнувајте го во кругот на семејството и останете дома.
Честит Велигден. Христос воскресна. Навистина воскресна!“, порачува Чулев.