Министерот Венко Филипче на денешната онлајн-прес-конференција од својот дом ги соопшти најновите информации за заболените лица во нашата земја, а меѓу другото кажа и дека веројатно и по пикот на болеста таа ќе остане меѓу нас.
„И по пикот за жал веројатно болеста ќе остане со нас, нема целосно да исчезне, па во есен повторно ќе се соочиме со нова бројка на заболени, како од овој вирус така и на заболени од сезонскиот грип, па ќе мора да се направат сериозни мерки, за подготвени да го дочекаме тоа и да се избориме“.
Министерот соопшти и дека имал разговор со амбасадорката на САД со која размениле информации за тоа како да се постапи подоцна кога заштитните мерки ќе мора да се намалуваат и како да се соочат со таквата ситуација.
Филипче одговарајќи на новинарско прашање рече дека летово веројатно би требало да се направи и скрининг на населението со кој би се определило каква е имунолошката ситуација, односно дали се создал имунитет кај населението од оваа болест и според тоа би се определило какви е бидат понатаму мерките, затоа што доколку нема имунитет би можело за определени лица и понатаму да важат определени мерки
Во изминатите 24 часа се потврдени 36 нови случаи на заразени. По градови: Скопје-22, Куманово-4, Прилеп-3, Струга-3, Велес-3 и Битола-1, соопшти министерот Венко Филипче преку социјалните мрежи. Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти во нашата земја изнесува 1117.
Денеска се регистрирани вкупно 18 оздравени пациенти. Од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби си заминаа 11 пациенти, 2 од болницата во Дебар, а регистрирани се и 5 оздравени пациенти (2 од Кочани и 3 од Скопје) кои се лекуваа во домашни услови, а кои по два контролни теста се негативни на заболувањето.