Бугарија ни го условува датумот со македонскиот јазик и малцинство, „Ова се коси со европските вредности“, вели Димитров

Македонија ќе мора да заборави на „македонско малцинство во Бугарија“ и на „македoнски јазик“ и да користи само „службен јазик на РСМ“, ќе мора брзо да работи со комисијата за историски прашања… ако сака да ги продолжи преговорите со ЕУ, вели документ до кој дојде МКД.мк. Во разговорот на оваа тема министерот Димитров вели дека во оваа Изјава има многу еднострани услови што се спротивни и на Договорот за пријателство и добрососедство. Македонскиот јазик е клучен и нераскинлив елемент на нашиот национален идентитет, вели шефот на македонската дипломатија.

Македонија ќе мора да заборави на постоењето на македонското малцинство во Бугарија, ќе мора да заборави на „македoнски јазик“ и да употребува само „службен јазик на РСМ“, ќе мора брзо да ја заврши работата со експертската комисија за историските прашања… ако сака да продолжи со преговорите за интеграција со ЕУ. Ова се само делови од Изјавата на Бугарија во врска со усвојувањето на заклучоците на Советот на ЕУ за проширување.

Во разговорот за МКД.мк Никола Димитров, министерот за надворешни работи на Македонија вели дека „никогаш нема да прифатиме вметнување на антиевропски билатерални услови што навлегуваат во македонскиот идентитет во преговарачката рамка за пристапување кон европското семејство“.

Оваа Изјава на Република Бугарија, која МКД.мк ексклузивно ја објавува, стана дел од резимето на заклучокот за проширување на ЕУ и датумот за преговори за Македонија и Албанија. Со ова Бугарија го условува одржувањето на меѓувладината конференција за конечното дефинирање на преговарачкиот пакет за почеток на преговорите на Македонија и Албанија.

Целосно почитување на договорите со Бугарија и Грција, плус да не се споменува „македонски јазик“

Бугарија во оваа изјава повикува на доследно спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија и „неговата важност во отворањето на патот кон европска и евроатлантска интеграција на втората страна“. Во изјавата во воведните напомени се потсетува дека спроведувањето на Договорот во голема мера е блокирано од ноември 2019 година, поради „едностраната одлука на Република Северна Македонија да го суспендира на неодредено време учеството во работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и едукативни прашања, формирана според чл. 8. 2. од Договорот“.

Бугарија потсетува дека спроведувањето на билатералниот договор ќе биде проценувано во сите фази на процесот на пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ, вклучително и пред Република Бугарија да даде согласност за одржување на првата Меѓувладина конференција, која би требало да се одржи во јуни.

За Бугарија спроведувањето на Договорот подразбира дека Македонија треба строго да се придржува кон измените во Уставот според Договорот од Преспа и паралелно во целост да го спроведува и да го почитува Договорот со Бугарија.

Се бара постигнување конечен договор „за целиот спектар од работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања создадени според Договорот, вклучително и постигнување договор за клучните фигури и настани од нашата заедничка историја со Република Северна Македонија до 1944 година, на специфичните датуми за заедничко одбележување на оние настани и бројки за кои е постигнат договор; и замена на информативните табли и други индикации, вклучително и оние на историски и културни споменици, во согласност со договорените текстови“.

Македонските политичари, се бара во овој бугарски документ, треба да се воздржуваат од давање изјави, искажување ставови што ќе може да бидат протолкувани како отворање на прашања и противречности во однос на договореното меѓу двете влади. Македонските политичари нема да смеат да даваат изјави или да поддржуваат организации што тврдат дека постои т.н. „македонско малцинство“ во Република Бугарија. Тоа нема да смеат да го прават ни во меѓународните организации, како што е на пример Советот на Европа и во други мултилатерални формати и механизми за набљудување.

„Нема основа за барање малцински статус“

„Ставовите и постапките на Република Северна Македонија во меѓународните организации и форуми треба да бидат усогласени со членот 11 од Договорот, вклучително и со давање изјави дека не постојат историски и демографски основи за барање малцински статус за која било група граѓани на територијата на Република Бугарија“, пишува во документот.

Бугарија бара Македонија да преземе мерки со кои надлежните органи активно ќе спречуваат, а ако треба и ќе испитуваат и гонат, каква било форма на дискриминација или говор на омраза против граѓаните со бугарска самоидентификација или бугарско потекло и културна припадност. Освен тоа, македонските органи ќе треба да иницираат „процес на рехабилитација на жртвите од југословенскиот комунистички режим, потиснати заради нивното бугарско самоидентификување“.

„Не постои посебен т.н. ‘македонски јазик’“

Бугарија во овој документ бара Македонија брзо да ја спроведе реформата во разузнавачките и безбедносните служби, а важен дел од тоа треба да биде „разоткривање на соработници од денешна Република Северна Македонија што работеле за безбедносните и разузнавачките служби на поранешна Југославија“.

Како услов за почеток на спроведувањето на идната рамка за преговори за пристапување на Македонија во ЕУ, Бугарија очекува „конкретни активности и резултати во спроведувањето на Договорот во име на Република Северна Македонија“.

- Реклама -