Минатата недела и за време на викендот дел од европските земји почнаа сѐ повеќе да зборуваат за попуштање на дел од мерките воведени поради коронавирусот по католичкиот Велигден.
Празниците во поголемиот дел земји од Европската Унија поминаа, па дел од нив со денешниот ден укинуваат дел од мерките.
Данска планира децата да ги врати во училиштата на 15 април ако бројот на заразените случаи остане стабилен. Но животот во таа земја и понатаму ќе биде далеку од вообичаениот. На сила ќе останат многу други забрани, кои постепено ќе се укинуваат.
Забраната за собирање повеќе од 10 луѓе останува на сила до 10 мај, а ќе останат затворени и верските објекти, кината и трговските центри. Фестивалите и масовните собири нема да се одржуваат до август, кажа премиерката Мете Фредриксен. Истото важи и за границите кои ќе останат затворени.
Италија денес ги отвори книжарниците, продавниците со канцелариски материјали и продавниците за детска опрема. Сепак, пристапот се разликува од регион до регион.
Владата во моментов разгледува втора фаза на укинување на мерките, а според италијанските медиуми, на листата за втората фаза се модната индустрија, автомобилската и металургијата.
Следниот четврток на работа треба да се вратат вработените на Фиат во Мелфи, а потоа ќе проработат и фабриката Мирафиори во Торино и Севел-Дукато во Абрузо.
Се размислува да се дозволи сечење дрва во шумите, разни земјоделски активности. Уште три недели ќе бидат затворени кафулињата, рестораните, кината, музеите, пабовите и клубовите. Црквите се отворени, но миси и погреби нема. Но, како што јавуваат италијанските медиуми, се претпоставува дека од 2 мај би можеле да се отворат фризерските салони, а од 18 мај и угостителските објекти.
Чешката влада минатата недела укина дел од ограничувањата. Од вторникот на граѓаните им е дозволено да вежбаат сами надвор без маски. Освен тоа, во четвртокот повторно отворија продавниците со градежни материјали, и продавниците и сервисите за велосипеди.
Отворени се и спортските објекти на отворено, но не смеат да се користат соблекувалните. А од 14 април ќе бидат дозволени и патувања во странство.
Австрискиот канцелар Себастијан Курц најави по Велигден повторно отворање на помалите продавници, но се воведува обврска за носење маски за лице во продавниците и јавниот превоз.
На 1 мај ќе се отворат трговските центри и фризерските салони, додека рестораните и хотелите постепено ќе се отвораат од средината на мај. Курц кажа дека сѐ ќе се одвива под строг надзор и истакна дека опасноста сѐ уште не поминала.
Норвешка тргнува по друг пат и приоритет ѝ е отворањето на училиштата. Премиерката Ена Солберг кажа дека на 20 април повторно ќе ги отвори градинките, а недела подоцна и училиштата за учениците од прво до четврто одделение. „Нашата амбиција е да ги вратиме сите ученици во училиштата пред летото“, кажа Солберг и додаде дека последните статистики покажуваат дека можат да бидат „претпазливо оптимистични“.
„Со заеднички напори го ставивме вирусот под конрола и можеме малку по малку да ги укинуваме рестрикциите“, кажа Солберг.
Градежните и индистриските работници во Шпанија се вратија вчера на работа откако најновите податоци покажаа благ пад на новите случаи на зараза со вирусот.
Соочувајќи се со здравствената и со економска криза, владата реши да ѝ помогне на парализираната економија и им дозволи на градежните компании и на индустријата да ги вратат работниците на работа. Од 30 март беше забрането одење на работа за сите освен за оние во нужните професии како производство и дистрибуција на храна, струја и гас.
Но рестораните, кафулињата, спортските, културните и други објекти остануваат затворени. Полицајците во подземната железница и автобуските станици во Мадрид им делат на граѓаните заштитни маски. Владата и понатаму ги повикува оние кои можат да работат од дома да останат таму.
И Полска почнува со укинувањето на рестрикциите. Министерот за здравство Лукаш Шумовски кажа дека од 19 април ќе почне да се одмрзнува економијата.
Освен во европските земји, мерките се укинуваат и во Иран. Иранскиот претседател Хасан Рохани најави дека „нискоризичните“ економски активности ќе продолжат во земјата најсилно погодена од коорнавирусот на Блискиот Исток.
Рохани не наведе што подразбира под „нискоризични“ активности.